Ивана Чолаковска: Ќе возиме во просек по 7 часа на ден и ќе го обиколиме светот!

Ивана Чолаковска заедно со својот пријател од Шпанија Мануел Торес ќе тргне на пат околу светот со мотор.

Од кога си љубител на моторите? 
Јас и Мануел сме љубители на патувањето, а моторот ќе го искористиме само за да ни овозможи поинтересно и повозбудливо уживање, да ни овозможи на поинаков начин да се приближиме до луѓето од локалните места низ кои ќе поминуваме, да ги почувствуваме сите временски услови, кога е топло, да ни биде топло, ладно, дожд..., и да ги доживееме сите убавини од поблиску.
 
Кога го купи првиот мотор и од која марка беше? 
Првиот мотор го купивме во Индија пред речиси 3 години, од марката „ројал енфилд“.
 
Кога започнува амбициозната тура пат околу светот и колку е предвидено таа да трае, каква е маршрутата?
Турата започнува во септември годинава и немаме поставено временски лимит кога треба да заврши. Ќе патуваме сè додека не ја постигнеме целта и не ги поминеме сите земји што планираме да ги посетиме. Започнуваме од Македонија, Грција, Турција, Иран, Пакистан, Индија и цела југоисточна Азија, потоа континентот Австралија, Америка и повторно во Европа. За крај ја оставивме Африка.
 
По колку часа на ден е предвидено да возите?
Ќе возиме во просек 6 до 7 часа, некогаш помалку, некогаш повеќе, во зависност од местото што треба да го поминеме.
 
Како се подготвувате за ова патешествие? 
Неколку години интензивно работење на плажа преку лето, неколку години патување преку зима, а во слободно време трчање, за кое почесто наоѓаме време, и добра исхрана.
 
Која е всушност целта?
Целта е да видиме голем дел од планетата, да запознаеме најразлични култури и да уживаме во она што нè прави најсреќни, да уживаме во убавините на Земјата и во убавите и добри луѓе насекаде околу нас.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе