Киев ја обвинува Москва за гранатирањата во областа на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина. Најновиот бран напади се случи овој викенд.
„Во интерес на сите нации е да нема опасни инциденти кај нашите нуклеарни погони. Ни требаат гаранции и заштита од руска саботажа на украинските нуклеарни централи“, им кажа Зеленски на членките на западниот воен пакт.
Меѓутоа, поранешниот британски воен разузнавач Филип Инграм денес кажа дека „не би било практично“ силите на НАТО да ја обезбедуваат нуклеарката Запорожје.
„Во последните неколку дена гледаме гранатирање околу таа област, поради што Зеленски реагираше. Руското министерство за одбрана објави снимка која не е независно проверена, а за која тврдат дека прикажува украинско гранатирање на областа Запорожје“, кажа Инграм, зборувајќи за најголемата европска нуклеарна централа која е под контрола на руските сили.
„Претседателот Зеленски побара НАТО да ја штити нуклеарната централа. Тоа во пракса не може да се случи бидејќи би ги довело силите на НАТО, како и военото воздухопловство на Алијансата, во директен судир со руските сили. Во тој случај би гледале сценарио на Трета светска војна“, кажа поранешниот британски разузнавач.