Централата работи кога од Израел ќе се испорача дизел, а граничниот премин беше затворен на почетокот на оваа недела.
Израелските власти очекуваа одмазда поради апсењето на еден од лидерите на Исламски џихад на другата палестинска територија, Западниот брег, и затоа преземаа мерки на претпазливост, а во петокот беше спроведен „превентивен напад“ против екстремистичката организација која добро е зацврстена во Појасот Газа.
Израелската војска тврди дека во нападот се убиени 15 милитанти на Исламски џихад, додека властите во Појасот Газа наведуваат дека загинале најмалку 12 луѓе, вклучувајќи петгодишно девојче и дека 80 се ранети.
Исламски џихад одговори со баражен ракетен оган во правец на Израел и насилствата продолжија денес.
Со наредбата за затворање на граничниот премин во вторникот израелските власти ја спречија испораката на дизелот неопходен за централата и примораа илјадници жители на Газа кои имаат дозволи за работа во Израел да останат дома.
Електричната централа утринава предупреди дека прекинувањето на работата „ќе влијае на сите јавни служби и клучната инфраструктура, и ќе ја влоши хуманитарната ситуација“.
Затоа апелираше на итна интервенција за да се овозможи испорака на горивото.
Во Појасот Газа живеат 2,3 милиони жители кои често остануваат без струја.
Појасот Газа со кој владее Хамас е под блокада на Израел од 2007 година, кога исламистичката екстремистичка организација на сила ја презема контролата од силите на ривалскиот поумерен Фатах.