Нејзините коментари дојдоа откако Русија се повлече од преговорите за нуклеарно оружје со американски официјални претставници што требаше да се одржат во Каиро оваа недела.
На својот канал на Телеграм, Захарова рече дека одлуката на Москва да ги одложи преговорите е поттикната од лошата состојба на односите со Вашингтон.
„Во сите области, гледаме највисоко ниво на токсичност и непријателство од Вашингтон. Како дел од сеопфатната хибридна војна што се води против нас, речиси секој американски потег кон Русија е подложен на патолошка желба да ѝ се наштети на нашата земја секаде каде што е можно“, рече таа.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека е „подготвен да одреди нов датум што е можно поскоро бидејќи продолжувањето на инспекциите е приоритет за одржување на договорот како инструмент за стабилност“.
Но, Захарова го обвини Вашингтон дека се обидува да го промени балансот на силите според договорот на „целосно нелегитимен начин со конвертирање или преименување на оружјето за да го извади надвор од рамките на договорот“. Таа не даде примери или докази.
Државните медиуми го цитираа рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков кој рече дека Москва „немала друг избор освен да одложи“.
„Се соочивме со ситуација во која нашите американски колеги во повеќе области покажаа не само неподготвеност да ги согледаат нашите сигнали и да ги земат предвид нашите приоритети, туку и дејствуваа во спротивна насока“, рече тој.
„Се разбира, има ефект од она што се случува во Украина и околу неа“, додаде Рјабков.