„Со одлуката, изрекувањето на опомените ќе продолжи до 21 ноември, а по овој датум од 22 ноември до 21 јануари 2023 година, за сите сопственици на возила кои се движат на територијата на Република Косово со вакви нелегални регистарски таблички, според официјалната одлука, косовската полиција ќе почне со спроведување на казнување со парични казни во согласност со законите“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека од 1 ноември до денес се изречени 1.740 опомени за сопствениците на возила со српски регистарски таблички на Косово.
Како што соопшти косовската влада утре во Брисел ќе се сретнат премиерот на Косово Аљбин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ и единствена точка на состанокот е наоѓање решенија за надминување на тензиите предизвикани од одлуката на владата на Косово за пререгистрација на возилата.
Одлуката за одложување на казните за 24 часа во Приштина се оценува како давање можност за наоѓање решение за проблемот со регистарските таблички, но и на други отворени прашања со Белград.