„Не сум сигурен, но секако дека ќе има некаква корист од моето одење во Тирана. Ако не отидам, сигурно ќе има голема штета за Србија“, им кажа Вучиќ вчера на новинарите.
Вучиќ минатата недела најави дека нема да учествува на планираната средба на врвот меѓу ЕУ и шесте земји од Западниот Балкан во Тирана, гневен поради тоа што косовската влада за министер избра српски политичар кој не победил на избори, наместо од владејачката партија на косовските Срби. Истовремено ја критикуваше млаката реакција на Брисел на таа одлука.
„Со недоаѓањето би покажал дека мојата суета е поголема, но би имало голема штета за земјата во смисла на привлекувањето инвестиции“, кажа српскиот претседател. Истакна дека во Тирана ќе има многу добри разговори за граѓаните на Србија, меѓу кои и за бесплатниот роаминг меѓу земјите на ЕУ и Западниот Балкан.
„Имаме и обврска на благодарност за 165 милиони евра кои (од ЕУ) ќе ги добиеме за енергетиката“, додаде Вучиќ.
Тој вчера се сретна во Белград со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак и истакна дека е неопходно да се примени Бриселскиот договор, со кој е предвидена обврската на косовските власти да формираат Заедница на српски општини како и почитување на правата на српскиот народ на Косово.
„Ја истакнав неопходноста од примена на договорот за Заедницата на српските општини и почитувањето на правата и волјата на нашиот народ. Србија е определена за продолжување на конструктивниот дијалог, со цел одржување на мирот и стабилноста и постигнување на подобри услови за животот на сите граѓани“, порача Вучиќ на Инстаграм по средбата со Лајчак.
Лајчак дојде во Белград по острата реакција на Вучиќ на именувањето на Ненад Рашиќ за министер во косовската влада. Лајчак вчера во Белград се сретна и со шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, а денес во Приштина ќе се сретне со косовскиот премиер Аљбин Курти.