„Србија ќе направи целосна ревизија за секоја смрт, за секој човек, да видиме како тоа изгледа. Тоа ќе се прави на клиниките“, порача Вучиќ при посетата на градилиште на ковид-болница крај Белград.
Српскиот претседател тоа го кажа одговарајќи на прашање на новинарите за изјавата на епидемиологот Предраг Кон дека од март до јуни имало повеќе починати отколку што покажал системот.
Државата не ги криела податоците за бројот на мртвите, истакна Вучиќ и оцени дека „не мисли дека ќе има многу големи разлики“.
Членот на кризниот штаб епидемиологот Кон изјави претходно дека штабот ги соопштувал сите податоци што ги имал, дека ништо не е скриено, а дека за разликата на бројот на умрените од оние кои официјално беа соопштувани се одговорни информатичарите кои давале неточни податоци.
Србија, според последниот просек од 30 септември, официјално пријави 1.134.239 тестирани, 33.551 регистриран случај на ковид-19 и 749 мртви, со стапка на смртноста од 2,23 отсто.
Вучиќ оцени и дека земјите од ЕУ не ја тргнале Србија од „зелената листа“ за патување.
Резултатите на Србија во борбата против коронавирусот ги нарече „неоспорни“ и кажа дека тоа сите го знаат. Додаде и дека Србија има уверливо најдобра крива.