„Она што го работевме со Русија беше по добри цени. Сакам на сите да им објаснам што се случи. Хрватскиот премиер излезе со теза дека не е фер Србија да ја има таа цена на нафтата. Одлуката за нафтата е одложена до 1 декември, но нема рационално објаснување за хрватската интервенција“, кажа Вучиќ.
Истакна дека бугарскиот претседател Румен Радев отворено кажал дека одлуката за нафтата не е фер кон Србија, како и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во завршниот говор.
„Им благодарам на тоа“, кажа Вучиќ и додаде дека добил информација дека незадоволство изразиле и унгарскиот премиер Виктор Орбан и премиерот на Албанија Еди Рама.
„Не е лошо што сега таа одлука е одложена. Ние сме помал потрошувач од Унгарија, Чешка и Бугарија. Немаше друга цел освен да ѝ се наштети на Србија“, кажа Вучиќ.
Праша кој на Хрватите им дал право да одлучуваат чија нафта Србија ќе купува.
„И кога сето тоа го правеа и забрануваа пристап до Јасеновац, јас и тогаш кажав дека немаме проблем со користењето на Јанаф, нафтоводот кој заедно го градевме во Југославија. Беа сигурен доставувач. Но тоа повеќе не е така, а 70 отсто од работењето на Јанаф е во Србија. Никогаш ни ден не доцневме со плаќањето“, кажа Вучиќ.