Тој пренесе и дека „сè што постои од специјална полиција во Приштина е испратено на четири дестинации – од патот Србица-Зубин Поток до Чечево, Јасеновик“.
„Ситуацијата е тешка и на раб на конфликт“, оцени српскиот претседател.
Вучиќ претходно денес по разговорот во Брисел со косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека од нему нејасни причини не успеале да постигнат апсолутно никаков договор за регистарските таблички.
На Србите на Косово им порача ако организираат протести, тие да бидат мирни, ненасилни, да не бидат Србите виновни.
За изјавата на шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел дека косовскиот премиер Курти е виновен што не дошло до договор, Вучиќ кажа дека таа изјава е фер.
На прашањето дали тоа го смета за своја победа, одговори дека не го доживува така и дека „победа е кога се отвораат фабрики и кога трајно ќе го решите проблемот за својот народ, а не кога оставате замрзнати конфликти“.
„Нашиот проблем е што Србите добро знаат дека не е нивна обврска да плаќаат арач кој не е пропишан со ниеден закон, огромен е гневот кај српското население на северот на Косово“, кажа Вучиќ и истакна дека Србија ќе го почитува барањето на Борел и нема да издава ниту да обновува таблички.
Генералниот секретар на НАТО, пак, Јенс Столтенберг изјави дека разговарал со Борел и дека се разочарани што не е решен проблемот со табличките.
Столтенберг на Твитер наведе дека сега мора да се избегне ескалација.
„Сега е време за одговорност и прагматични решенија. Ескалација мора да се избегне – НАТО и КФОР остануваат претпазливи“, наведе Столтенберг.