Климатски промени

Вонредна состојба во северна Италија, суши во Шпанија, Португалија, пожари во Грција

Северна Италија ја доживува најголемата суша во последните 70 години, а владата прогласи вонредна состојба во неколку региони. Од екстремна суша страдаат и Шпанија, Португалија и Грција. Ова се последици од климатските промени.

Фото: ЕПА

Владата на премиерот Марио Драги прогласи вонредна состојба во пет региони на северот на Италија поради сушата. Ова им овозможува на властите да прогласат и да спроведат итни мерки, како што е штедење на водата, заобиколувајќи ги вообичаените прописи. Како што е најавено, вонредната состојба ќе важи до крајот на годинава.

Погодени се подрачјата околу реката По, регионот од кој потекнува околу една третина од земјоделското производство во Италија. Таму владее најлошата суша во последните 70 години, водостоите на езерата Маџоре и Гарда се значително пониски од вообичаените за овој период од годината. Тибар, кој тече низ Рим, исто така има малку вода. На многу места водата мора да се рационализира, а во Тоскана веќе се изгубени 30 отсто од жетвата.

Владата најави дека ќе обезбеди итна помош од 36,5 милиони евра за погодените делови од земјата, а според претходните извештаи на медиумите, Драги размислува да назначи комесар за борба против сушата.

Голем пожар во Рим

Во Рим вчера избувна голем пожар во парк во северозападниот дел на градот, на неколку километри од Ватикан. На пожарникарите на теренот им помогна и хеликоптер во гаснењето на пожарот. Нема информации за повредени.

На Сицилија највисоко ниво на предупредување за опасност од шумски пожари е прогласено во многу области - околу Палермо и Месина. Во понеделникот, цивилната заштита пријавила пет барања за противпожарни авиони, кои пристигнале од Сицилија, регионот Лацио околу Рим, Калабрија, Пуља и Венето. Официјални лица соопштија дека пет пожари се ставени под контрола.

Екстремна суша во Шпанија и Португалија

Од екстремна суша страдаат и Шпанија и Португалија. Според студијата објавена во списанието Нејчр геосаенс, некои делови од двете земји ја доживеале најлошата суша во последните 1.000 години. Причината за тоа е промената во областа со висок притисок на Азорите предизвикана од климатските промени. Ова има големо влијание врз временските услови и долгорочните климатски трендови во Западна Европа. Според авторите на студијата, зимските врнежи се „од витално значење“ за еколошкото и економското здравје на Пиринејскиот Полуостров.

Користејќи климатско моделирање за периодот од изминатите 1.200 години, американските истражувачи открија дека системот со висок притисок „драматично се променил“ во текот на 20 век и „дека овие промени во северноатлантската клима се без преседан во последниот милениум“.

Според нив, системот со висок притисок почнал да се шири на поголема површина пред околу 200 години, бидејќи таканаречените стакленички гасови се зголемиле. Во 20 век тој уште повеќе се проширил поради глобалното затоплување. Количеството на врнежи, меѓутоа, се намалило - зимите станаа сушни во западен Медитеран.

Претходните студии не можеа да покажат дали климатските промени предизвикани од човекот се одговорни за климатските промени во северен Атлантик - сега авторите на оваа студија велат дека нашле врска.

Борба со пожари во Грција

Стотици пожарникари и волонтери синоќа успеаја да стават под контрола три големи шумски пожари во Грција. „Сепак, опасноста останува висока“, изјави портпаролот на противпожарната бригада на државната телевизија (ЕРТ). Во гаснењето на пожарот помогнале и авиони и хеликоптери.

Неколку села околу малиот пристаништен град Итеа мораа да бидат евакуирани. Во областа на градот Амфиса, пожарот зафатил и уништил голем број маслинови дрвја. На Пелопонез евакуиран е хотел во близина на Краниди, јави државното радио.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе