На иницијатива и повик на поранешниот претседател на Косово, Беџет Пацоли, во Хаг отпатуваа претседателите на Албанија Алфред Мојсиу, Реџеп Мејдани и Бамир Топи, и поранешниот албански премиер Пандели Мајко.
Според Мојсиу, обвинителството „бара нешто што не постои бидејќи УЧК немала никакви врски со тероризмот“.
„Дојдовме да ги запознаеме, со главна цел да покажеме дека ја поддржуваме војната на УЧК, војната на косовските Албанци беше војна за слобода, независност, правда, за отцепување од вековното српско ропство, а секако не беше терористичка војна иако се обидуваат да ја свртат, да аргументираат дека целта била тероризам, што воопшто не е точно“, оцени Мојсиу.
Реџеп Мејдани кажа дека обвинителите и судиите не можат да ја менуваат историјата спомна „српска окупација на Косово“ и „борба на УЧК за ослободување“.
„Нашата посета е поддршка на борбата на албанскиот народ за слобода и независност против српското ропство. Тоа беше војна која ја поддржуваше целата меѓународна заедница и главните светски лидери, во борбата не само за демократија, туку во борба против етничкото чистење и геноцидот кои ги спроведуваа српската полиција, војската и паравоените трупи“, кажа Мејдани.
„Ова е посета за поддршка на затворениците, а не за мешање во прашањата на правдата“, кажа поранешниот претседател на Албанија Топи.
Пандели Мајко, кој беше премиер на Албанија за време на војната на Косово, кажа дека „станува збор за национална драма, а не само лична драма на оние кои се во притвор“.
Поранешниот претседател на Косово Пацоли на Фејсбук напиша дека целта на посетата била солидарноста со лидерите на УЧК „кои невини се држат во притвор, и да им се пружи поддршка во соочувањето со неправдата која им се врши“.