Ова е прв пат лидерите на Г-20 да се состанат во живо откако коронавирусот се прошири низ светот. Кинескиот лидер Си Џинпинг, кој ја нема напуштено Кина од почетокот на пандемијата, и рускиот претседател Владимир Путин, не се на состанокот. Обајцата учествуваат преку видеоврска.
Самитот се одржува веднаш по предупредувањето на експертите дека е потребна итна акција за намалување на штетните емисии и два дена пред светските лидери да се сретнат во Глазгов на климатската конференција на Обединетите нации (КОП26).
Г-20, составена од деветнаесет земји и Европската Унија, е одговорна за 80 отсто од емисиите на стакленички гасови во светот. Речиси една третина се однесуваат на Кина.
Говорејќи пред дводневниот самит во Рим, британскиот премиер Борис Џонсон, домаќин на конференцијата во Шкотска, предупреди дека недејствувањето ќе доведе до тоа идните генерации да имаат живот што е многу помалку пријатен од нашиот. Џонсон призна дека ниту Г20 ниту КОП26 нема да го запрат глобалното затоплување и дека светот може само да се надева дека ќе го забави порастот на температурата, пишува Би-би-си.
Ројтерс пренесува дека во нацртот на заедничкото соопштение на Г20 се ветува дека ќе се дејствува кон ограничување на порастот на температурата на 1,5 степени, но нема да има обврзувачки мерки. Г20 вклучува и земји како Саудиска Арабија, земји со најголеми светски резерви на нафта, како и Австралија, чиј втор најважен извоз е јагленот и продолжува да инвестира во него, иако експертите бараат да се напушти, па критичарите и еколошките здруженија се скептични кон чесноста на намерата на државите да се борат против климатските промени.
Во однос на вакцините, од кои во светот се употребени повеќе од шест милијарди дози, 160 поранешни лидери и јавни личности во писмо до Мари Драги, италијанскиот премиер што претседава со состанокот, предупредија дека само 2 отсто од луѓето во сиромашните земји се вакцинирани.
Американскиот претседател Џо Бајден се очекува да ги повика земјите побрзо да произведуваат енергенси, кои годинава бележат голем пораст на цените на светскиот пазар, пишува Би-би-си.
Г-20 го поддржаа и минималниот данок за корпорациите од 15 проценти, кој го поддржуваат 140 земји низ целиот свет.