Во Европа невообичаено високи температури за овој период од годината

Утринските температури кои достигнуваа 30 степени Целзиусови во Шпанија во текот на октомври можеби ги воодушевија туристите, но предизвикуваат загриженост кај научниците.

Фото: ЕПА

Живата се искачува многу над нормалата низ Европа, од Шпанија до Шведска. По летото обележано со повеќе топлотни бранови, во Европа преовладуваат исклучителни температури и на почетокот на есента, што е знак за забрзување на климатските промени.

„Месецот сè уште не е завршен, но веќе можеме речиси со сигурност да кажеме дека ќе биде најтоплиот месец (во Шпанија) од 1961 година“, кога почнаа да се собираат податоците, рече Рубен дел Кампо од шпанската метеоролошка служба Аемет, додавајќи дека ако се земат предвид историските податоци, овој октомври во Шпанија е најтоплиот во последните сто години.

„Еден, два дена над 30 степени е нормално“ за Шпанија, рече тој. „Но, толку многу денови, не. Тоа се летни температури, а ние веќе сме во есен“.

Во петокот наутро, северното летувалиште Сан Себастијан забележа температура од 30,3 степени Целзиусови во 8:30 часот, што е значително над сезонскиот просек. Последниве денови избувнаа пожари во Баскија, каде се наоѓа Сан Себастијан, па властите забранија правење скара и огномет.

Необичниот топлотен бран донесе и нов збор во шпанскиот јазик - „вероно“, комбинација од зборовите „verano“ (лето) и „otono“ (есен). Дел Кампо рече дека во последните десет години има „значително забрзување“ на климатските промени и зголеменото опустинување на земјата.

Според тинк-тенк „Клајмат централ“, Мадрид, Барселона, Валенсија и Сарагоса се меѓу десетте европски градови најпогодени од глобалното затоплување според доказите од последните 12 месеци.

Соседна Франција, како и Шпанија, забележа потопол октомври од просекот. И топло е на крајниот север, во Шведска, каде во петокот во јужниот град Кристијанштад беа измерени рекордни 19,5 степени.

„Тоа е највисоката температура досега забележана во Шведска вака доцна“, рече Ерик Хојгард-Олсен, метеоролог од Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт (СМХИ).

Во југозападниот дел на Франција, кој летово беше зафатен од големи шумски пожари, „Метео Франс“ во петокот објави дека температурите се приближиле до 30 степени. Главниот град на Белгија, Брисел, забележа максимална температура од 24 степени, цели 10 степени повисока од вообичаената за крајот на октомври.

Британската метеоролошка служба во средата објави дека Лондон уживал во топли 20,5 степени Целзиусови, што е поблиску до температурите кои владеат кон крајот на август, а не во октомври.

Топол фронт од југозападниот дел на континентот ја зафати и Германија, која ужива во температури кои повеќе одговараат на лето отколку на почеток на ноември.

„Тешко е да се поверува дека е крај на октомври бидејќи во големи делови од Европа (и Северна Африка) е невообичаено топло“, објави Светската метеоролошка организација во петокот на Твитер.

Рубен дел Кампо рече дека на некои луѓе можеби ќе им одговара тоа што засега не мора да вклучат греење и дека можат да одат дури и на плажа. „Но, всушност, последиците не се добри“, рече тој, посочувајќи на ниските нивоа на подземните води, што е лоша вест за Шпанија, чие земјоделство ја снабдува Европа со добар дел од овошјето и зеленчукот.

Минатата недела шпанските резерви на подземна вода паднаа на 31,8 отсто од капацитетот, во споредба со десетгодишниот сезонски просек од 49,3 отсто. Жителите и туристите кои уживаа на плажите во Барселона изјавија дека се свесни дека има негативна страна на ваквото топло време.

„Навистина сме среќни поради ваквото топло време, ни се допаѓа. Но, тоа не е нормално“, вели Алиша Пескера, 43-годишна козметичарка.

„Секако дека нè загрижува. Сега треба да врне или барем да биде малку студено“, вели Фернандо Раибас, турист од Галиција.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе

Провокација е именувањето на бугарските клубови „Борис III“ и „Ванчо Михајлов“. Не можеа ли да бидат со имињата Елин Пелин, Димчо Дебељанов, Черноризец Храбар или Иван Вазов?

повеќе

Слоганот на македонското претседателство со ОБСЕ е “It’s About People” и затоа ќе е доблесно МНР да побара помош и поддршка за да си ги заштити националните интереси, интегритетот, суверенитетот, јазикот и идентитетот.

повеќе