Вистината е првата жртва на војната

„Македонско-бугарскиот“ баталјон што „се бори во Украина“ постои само на Фејсбук?

Облечени во маскирни воени униформи, со шлемови, големи црни чизми и нешто што личи на автоматско оружје, група луѓе позираат за слика со бугарското знаме.

Фото: скриншот

Сликата е објавена на 24 март на фејсбук-страницата на таканаречениот „македонско-бугарски странски баталјон Тодор Александров“, пишува Радио слободна Европа (РСЕ).

Според налогот на Фејсбук, групата во Украина учествува во борбите против руските инвазивни сили.

Набргу по отворањето на страницата на Фејсбук, во бугарските медиуми се појавија написи за групата, вклучително и интервјуа со членови, кои зборуваа за својата мисија и бараа донации.

Откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика странците подготвени да помогнат во одбраната на Украина да се приклучат во борбите. Украинската влада дури создаде сајт за приклучување кон меѓународната бригада, за која се верува дека сега има илјадници членови.

Меѓутоа, „македонско-бугарскиот странски баталјон“ по сѐ изгледа не е меѓу нив, вели РСЕ.

Во април, бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков, на прашањето во парламентот за наводните борци, рече дека фотографиите на Фејсбук се лажни.

Некои коментатори што ги анализираа зборовите на Заков укажаа дека тој рекол дека фотографиите се лажни, но дека не тврди директно дека баталјонот е фиктивен.

Повеќето, ако не и сите траги од постоењето на групата, доаѓаат од објави на социјалните мрежи.

Изреката дека вистината е првата жртва на војната изгледа уште поточна во ерата на социјалните мрежи. За време на руската инвазија на Украина, лажните вести метастазираа на социјалните мрежи, главно лажни видеа од битки што никогаш не се случиле или се случиле во минатото на друго место.

Бугарскиот сервис на РСЕ ги прегледал сликите објавени на фејсбук-страницата на групата и открил дека тие се создадени пред многу години или се чини дека се преземени од други сајтови.

На една слика, на пример, на која наводно се прикажани бугарски или македонски борци, се чини дека всушност се Белоруси. „Добра вечер, во Украина сме! Поздрав од нас и нашите грузиски и украински браќа!“, пишува покрај фотографијата објавена на фејсбук-страницата на групата на 24 март.

Сепак, РСЕ открила дека фотографијата упадливо личи на една друга на која се појавува истата група. Наместо бугарското, покрај црното анархистичко знаме се наоѓа знаме со црвена лента на бела заднина, кое го користи белоруската опозиција.

Сликата се чини дека е првпат објавена на телеграм-каналот на група белоруски борци во Украина на 23 март, еден ден пред да се појави на фејсбук-страницата на бугарскиот баталјон.

Друга фотографија, објавена на 16 мај, покажува борци на Украинскиот волонтерски корпус на националистичкиот Десен сектор како му се заколнуваат на верност на украинскиот народ.

Оригиналната слика е објавена најмалку два дена пред да биде поставена на постот на „Македонско-бугарски баталјон“.

Случајно или не, боите на знамето на Десен сектор - црвена и црна - се исти со боите на македонската ВМРО.

На фејсбук-страницата на „Македонско-бугарскиот странски баталјон“ се користат и фотографии што немаат никаква врска со војната во Украина.

Фотографии од беспилотни летала, на пример, за кои во објава од 19 март се тврди дека се испратени од донатор, може да се најдат на различни сајтови за продажба на опрема, како што е овој.

На фотографијата објавена на фејсбук-страницата на баталјонот се наоѓа Краси Панчев, кој 14 години работел во приватна воена компанија.

Панчев за РСЕ изјавил дека фотографијата е направена во Бугарија, во Пловдив, а не во Украина, како што е наведено на страницата на Фејсбук. Згора на тоа, не се работи за група доброволци, туку за припадници на бугарската армија, рекол Панчев.

Сакајќи да откријат кој стои зад наводите за бугарскиот баталјон во Украина, Панчев и другите покренале истрага, која ги довела до Иван Белишки, 22-годишен ентузијаст за ерсофт, тимска игра со воздушно оружје. На крај го контактирале и побарале да ја отстрани фотографијата. Иако Белишки негирал дека има врска со страницата на Фејсбук, фотографијата на крај била повлечена од таа социјална мрежа.

„Ова е некоја негова измислица“, рече Панчев за профилот на Фејсбук, покажувајќи со прстот кон Белишки. „Нема апсолутно ништо такво, не постои“.

Белишки, кој го запали руското знаме за време на демонстрациите во Софија за поддршка на Украина во раните денови на руската инвазија, на Фејсбук негираше дека има каква било улога во проектот како одговор на истрагата на РСЕ.

„Апсолутно немам ништо со тоа“, рекол Белишки. „Ваквите обвинувања се несериозни и доколку некој има такви тврдења, би сакал да знам како би можел да преземам правна постапка“.

РСЕ го прашала бугарското Министерство за одбрана дали ги истражува дезинформациите што се шират на Фејсбук.

Министерството одговорило дека не може да објави повеќе од она што во парламентот го кажал министерот Заков.

РСЕ контактирала и со бугарското Министерство за внатрешни работи, кое одбило да коментира дали е покрената истрага за случајот. „Секако, имајќи предвид дека таквите информации се официјално објавени, преземени се одредени активности“, рекле од Министерството.

Иако баталјонот можеби не е ништо повеќе од измислица на социјалните мрежи, изворите на РСЕ/РЛ велат дека некои Бугари - меѓу 10 и 100 - можеби се борат во Украина.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе