„Кризата на еврото беше клучен момент“

Варуфакис: Меркел никогаш немала европска визија

Ќе ми недостига Ангела Меркел, кажа за Дојче веле Јанис Варуфакис, поранешниот грчки министер за финансии и светска левичарска ѕвезда.

EPA-EFE

„Знаете, таа е политички противник. Мислам дека ѝ нанесе многу штета на европската идеја на долг рок, но кој и да дојде по неа, сигурно нема да биде подобар. Затоа многу се плашам дека за година, две или десет ќе си кажам: Боже, колку ми недостига Ангела!“, кажа Варуфакис во првата епизода од подкастот на Дојче веле на англиски јазик „Последниот танц на Меркел“, посветен на анализа на ерата на германската канцеларка.

Меркел одамна најави дека ќе се повлече од политиката по завршувањето на овој, својот четврти, мандат на функцијата канцеларка. Следните парламентарни избори во Германија се на есен следната година.

Варуфакис спаѓа меѓу најжестоките критичари на Ангела Меркел. Тој само неколку месеци во 2015 година беше министер за финансии на левичарската влада во Грција, за време на тешката финансиска криза која ја погоди земјата.

Тој ја нарече кризата на еврото клучен момент во историјата кога требало да се направи голем чекор нанапред. „Ангела Меркел нѐ изневери и нас и Германците и Европејците и своето налседство бидејќи имаше конзервативен пристап во сфаќањето на своите политички можности. Веруваше дека има помала моќ како канцеларка на Германија, отколку што всушност имаше“.

Варуфакис смета дека најголемата грешка на Меркел е тоа што и по кризата на еврото не се залагала за потесно поврзана, федерална Европа. „Во изминатите дваесет години од Меркел не видов ништо што би личело на европска визија“, кажа тој.

На прашањето на Дојче веле кого би сакал да го види како канцелар, Варуфакис изненадувачки го избра претседателот на Бундестагот Волфганг Шојбле, претходниот германски министер за финансии со кого имаше жестоки пресметки за време на кризата на еврото.

„Иако неговото разбирање на европскиот капитализам е сериозно погрешно, а неговата визија на Европа и особено приврзаноста кон мерките на штедење се катастрофални, Шојбле како канцелар многу побрзо би ја приморал Европа да се определи кон идејата на федерализација“, додаде Варуфакис.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе