Украинците се повлекуваат од Лисичанск по големиот руски напредок (ВИДЕО)

Украинската армија викендов се повлече од стратегискиот град Лисичанск, откако Русија оствари голема победа со преземањето на контролата врз целиот источен регион Луганск.

Фото: ЕПА

Украинското повлекување следува по неколкунеделни жестоки борби и означи одлучувачки пробив за московските сили повеќе од четири месеци по нивната инвазија и откако го свртеа својот фокус од главниот град Киев.

Лидерите од десетици земји и меѓународни организации ќе се состанат денеска во Швајцарија за да го подготват „Маршаловиот план“ за обнова на Украина – со цел таа да почне дури и додека продолжува да беснее рускиот воен потфат, вели Москва тајмс.

Главна точка на удар во конфликтот, Лисичанск беше последното утврдување во областа Луганск во источниот регион Донбас и со неговото заземање Москва им овозможи на руските сили да напредуваат кон Краматорск и Славјанск во соседен Доњецк.

„Продолжувањето на одбраната на градот би довело до фатални последици“ соочени со супериорноста на Русија во број и опрема, се вели во синоќешното соопштение на украинската армија во кое го најавува повлекувањето.

„За да се зачуваат животите на украинските бранители, беше донесена одлука за повлекување. За жал, челичната волја и патриотизмот не се доволни за успех - потребни се материјални и технички ресурси.“

Падот на Лисичанск доаѓа откако руските сили минатата недела по интензивни борби го зазедоа неговиот град-близнак Северодоњецк.

Во обраќањето доцна синоќа, Зеленски вети дека Киев ќе продолжи да се бори и ќе обезбеди војската да го има „најмодерното оружје“.

„Украина ќе го достигне нивото кога ќе се израмни со огнената супериорност на окупаторите.“

Последната земја што обезбеди помош беше Австралија, чиј премиер Ентони Албаниз на состанокот со Зеленски во неделата во Киев вети дополнителна воена поддршка - вклучително и оклопни возила и беспилотни летала.

„Пукотници од сите страни“

Во неделата Москва го обвини Киев дека истрелал три касетни проектили врз рускиот град Белгород во близина на украинската граница, еден ден откако соседна Белорусија соопшти дека пресретнала украински ракети.

Во она што би претставувало ескалација на конфликтот, Русија рече дека нејзината противвоздушна одбрана соборила три касетни ракети Точка-У, лансирани од „украинските националисти“ против Белгород.

Оштетени се 11 станбени згради и 39 куќи, изјави гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков.

Москва претходно го обвинуваше Киев дека врши напади на руска територија, особено во регионот на Белгород.

Во саботата, белорускиот лидер Александар Лукашенко го обвини Киев за провокација и рече дека неговата армија пресретнала проектили истрелани врз неговата земја од украинските сили „пред околу три дена“.

Белорусија, руски сојузник, ја поддржа инвазијата на 24 февруари и беше обвинета од Киев дека и самата врши напади на украинска територија.

Лукашенко негираше каква било вмешаност во неодамнешниот прекуграничен инцидент и рече дека Белорусија „нема намера да се бори во Украина“.

На околу 75 километри западно од Лисичанск, градот Славјанск беше жестоко гранатиран од Русите, при што загинаа шест лица, меѓу кои и едно деветгодишно девојче, рече Зеленски во неделата навечер.

Околу 20 беа ранети додека „руската армија уште еднаш брутално го гранатираше“ градот, како и Краматорск и Харков.

Во напад на градот Добропилија - југозападно од Славјанск - загинаа две лица, а три беа ранети, вклучително и две деца, соопштија властите во Доњецк.

Градот Сиверск, 30 километри западно од Лисичанск, исто така беше гранатиран во текот на ноќта, изјавија жителите и официјален претставник за АФП.

„Беше интензивно, и се пукаше од сите страни“, рече една жена засолнета во визба.

Обраќањето на Зеленски во неделата вечерта беше пркосно - тој посочи на украинските трупи што напредуваат во регионите Харков и Херсон и вети дека „ќе дојде ден кога ќе го кажеме истото за Донбас“.

„Ќе ги обновиме ѕидовите, ќе ја вратиме земјата и луѓето мора да бидат заштитени пред сѐ друго“, рече Зеленски.

„Украина не се откажува од ништо.“

До денес, вкупниот број на загинатите деца „како резултат на оружената агресија“ од Русија изнесува 345, соопшти украинскиот парламент.

Украинската армија во утринскиот извештај предупреди дека „непријателот ги регрупира трупите за да продолжи со офанзивата“.

„Демократијата над автократијата“

Четири месеци по војната, Украина доживеа разорно уништување во околу 10 региони.

Денеска лидерите од десетици земји и меѓународни организации се среќаваат во швајцарскиот град Лугано, каде што имаат цел да подготват патоказ за реконструкција на Украина – која се очекува да чини стотици милијарди долари.

Украина, исто така, ќе се соочи со барања за широки реформи, особено во сузбивањето на корупцијата, откако Брисел неодамна му додели кандидатски статус на Киев во обидот да ѝ се приклучи на 27-члената Европска Унија.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ќе вети и итна хуманитарна помош, како и пристап до британската финансиска и економска експертиза, соопшти Министерството за надворешни работи.

Таа ќе им каже на делегатите дека закрепнувањето на Украина „ќе биде симбол на моќта на демократијата над автократијата“, се додава.

Но за жителите во Буча - украински град синоним за воени злосторства за кои се обвинети московските сили по нивното повлекување во април - стравот останува дури и кога почнуваат разговорите за реконструкција.

„Одиме во кревет без да знаеме дали ќе се разбудиме утре“, рече Вера Семенјук (65).

„Сите се вратија, почнуваат да ги поправаат куќите, многумина ставаат нови прозорци. Би било страшно пак да почне и пак да мораме да оставиме сѐ“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе