Загрозениот капацитет - најголемата нуклеарна централа во Европа - останува исклучен од украинската мрежа бидејќи надворешните далноводи се прекинати со гранатирање.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на електраната, со што ризикуваат нуклеарна катастрофа.
„Се разгледува опцијата за исклучување на централата, доколку се појават услови кои бараат исклучување на централата“, изјави на прес-конференција преку видео-врска Олех Кориков, вршител на должноста шеф на Државниот инспекторат за нуклеарна регулатива на Украина.
Тој додаде дека централата ги задоволува сопствените потреби за електрична енергија, но дека помошните дизел генератори ќе мора да работат доколку централата остане исклучена од украинската мрежа, иако не даде временска рамка за таа можност.
Кориков предупреди дека ќе биде исклучително тешко да се надополнат залихите на дизел поради руската инвазија на Украина на 24 февруари. Руските војници ја зазедоа електраната на почетокот на март, но со неа сè уште управуваат украински техничари.
„Потенцијално, би можеле да дојдеме до ситуација да нема дизел, што би предизвикало инцидент со оштетување на активните зони на реакторот, што би резултирало со ослободување на радиоактивни материи во животната средина“, предупреди тој.
„Ова не само што би имало последици за територијата на Украина, туку и прекугранични последици“, посочи тој.
Затворањето на големата нуклеарна централа со шест реактори дополнително ќе ја оптовари Украина, која веќе се подготвува за зима со недоволно енергија додека беснее војна на нејзиниот исток и југ.