Каналот на Трамп на оваа платформа е блокиран да постира нови видео содржини или стримови во живо најмалку седум дена, што може да биде продолжено, се наведува во соопштението на Јутјуб, кое го пренесува Ројтерс.
Интернет платформите и компании за социјални медиуми се дистанцираат и преземаат мерки против оние кои го поттикнувале или учествувале во минатонеделниот хаос во Вашингтон.
По инцидентот, Твитер и Фејсбук ги блокираа профилите на Трамп и ја избришаа целата содржина која го поддржува минатонеделниот упад, додека Амазон го суспендираше Парлер, социјалната мрежа на која се префрлија голем број поддржувачи на Трамп.
Трамповите поддржувачи упаднаа минатата среда во американски Капитол, обидувајќи се да го сопрат потврдувањето од Конгресот на победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Трамп, кој ја оспорува валидноста на победата на Бајден без да даде докази, на почетокот ги фалеше своите поддржувачи, но подоцна го осуди насилството.