Трамп се придружи на листата на светски лидери заразени со коронавирус

Претседателот Доналд Трамп е позитивен на тестот на коронавирус, придружувајќи ѝ се на малата група светски лидери кои биле заразени.

Фото: ЕПА

Трамп има 74 години и прекумерна телесна тежина, со што спаѓа во групата со зголемен ризик од сериозни компликации, пишува Ју-ес њуз.

Ова се другите светски лидери кои имале коронавирус.

БОРИС ЏОНСОН

Британскиот премиер е првиот голем светски лидер на кого му беше потврдено дека има ковид-19. Во април заврши на интензивна нега откако симптомите драматично му се влошија еден ден откако беше хоспитализиран поради рутински тестови. Примаше кислород, но немаше потреба од вентилатор, соопштија официјални лица. Подоцна тој изрази благодарност до вработените во Националната здравствена служба што му го спасија животот, кога лекувањето можело „да тргне во било која насока“.

ЖАИР БОЛСОНАРО

Бразилскиот претседател објави дека е болен во јули и во исто време јавно го промовираше хидроксихлорокинот, недокажаниот лек за маларија како третман за ковид-19, кој и самиот го земал. Десничарскиот популист Болсонаро постојано демонстрираше дека не ја сфаќа сериозно епидемијата. На почетокот на пандемијата, тој ја оцени болеста како „обичен грип“ и одбиваше да носи маска на јавно место дури и откако судот му нареди.

ХУАН ОРЛАНДО ХЕРНАНДЕЗ

Претседателот на Хондурас во јуни објави дека тој и неговата сопруга се позитивни на коронавирус, заедно со уште две лица кои тесно соработувале со нив.

Хернандез тогаш рече дека неговите симптоми се благи и дека се лекува со „МАИЗ терапија“, експериментална и научно недокажана комбинација на микродацин, азитромицин, ивермектин и цинк, промовирана од неговата влада. Накратко бил хоспитализиран, а потоа ослободен. Тој силно се залага за рамноправен пристап до која било вакцина против ковид-19, прашувајќи го неодамнешниот собир на светски лидери од ОН: „Дали луѓето треба да се остават да умрат?“

АЛЕКСАНДАР ЛУКАШЕНКО

Претседателот на Белорусија, кој ја отфрли загриженоста за вирусот како „психоза“ и препорача да се пие вотка за да се остане здрав, во јули рече дека тој самиот бил заразен, но бил асимптоматски. Белорусија е една од ретките земји што не презеде сеопфатни мерки против вирусот. Меѓу другите високи функционери од поранешните советски држави кои биле заразени, се ерменскиот премиер Никол Пашинјан и рускиот премиер Михаил Мишустин.

АЛЕХАНДРО ЏАМАТЕИ

Гватемалскиот претседател во септември објави дека е позитивен на коронавирус.

„Моите симптоми се многу благи. Досега телото ме болеше, како силна настинка. Немам температура, малку кашлам“, рече Алехандро Џаматеи за време на телевизиското обраќање.

ДЈАНИНЕ АНЈЕС

Привремената претседателка на Боливија, Дјанине Анјес во јули објави дека тестирањето покажало дека е позитивна на коронавирус, но дека се чувствува добро.

„Позитивна сум на ковид-19, се чувствувам добро и работам во изолација. Заедно одиме напред“, напиша Анјес на Твитер.

ЛУИС АБИНАДЕР

Новоизбраниот претседател на Доминиканска Република се зарази со коронавирус за време на неговата кампања. Тој помина неколку недели во изолација пред изборите во јули.

ИРАН

Во Иран, епицентарот на првичното избувнување на коронавирусот на Блискиот исток, неколку високи функционери имале коронавирус. Меѓу нив се и првиот потпретседател Ешак Јахангири и потпретседателката задолжена за семејни прашања и Масумех Ебтекар.

Членови на кабинетот исто така биле позитивни, вклучително и заменик-министерот за здравство Ирај Харирчи, кој е на чело на иранската работна група за борба против коронавирусот. Во февруари, Иран со денови негираше дека вирусот е во земјата.

ИНДИЈА

Потпретседателот М. Венкаи Наиду (71) неодамна бил позитивен на корнавирус, но неговиот кабинет соопшти дека немал никакви симптоми и бил во карантин дома. Министерот за внатрешни работи Амит Шах, десна рака во владата на премиерот Нарендра Моди, минатиот месец бил хоспитализиран поради ковид-19 и се опорави. Помладиот министер за железници Суреш Ангади минатата недела бил првиот сојузен министер кој починал од ковид-19.

ИЗРАЕЛ

Тогашниот израелски министер за здравство Јаков Лицман бил позитивен на тестот во април и се опорави. Лицман е лидер во израелската ултраортодоксна заедница, која забележа голема стапка на инфекција, бидејќи многумина не се придржувале на ограничувањата на верските собири. Министерот за образование Рафи Перец летото бил позитивен на коронавирус, додека случаите на новозаразени на целата територија на земјата биле во пораст, и се опоравил.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе