Ова, пишува Си-ен-ен, е продолжение на политиката на Трамп за негирање на изборните резултати и туркање нејасни теории на заговор.
„Треба ли да се отфрлат резултатите од претседателските избори во 2020 година и да се прогласи ВИСТИНСКИОТ победник или да се одржат НОВИ избори? Голема измама од ваков тип и големина овозможува укинување на сите правила и прописи, дури и оние што се наоѓаат во Уставот“, објави Трамп на социјалната мрежа Трут соушл и ги обвини големите технолошки компании за соработка со Демократската партија.
„Основачите на Америка не сакаа и не би одобриле лажни избори“, додаде тој.
Најавата на Трамп доаѓа по објавувањето на интерни мејлови на Твитер кои покажуваат дека во компанијата се разговарало дали треба или не да се дозволи на Твитер да се објави приказната на Њујорк пост за материјалите пронајдени на лаптопот на Хантер Бајден, синот на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден.
Портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс, вчера изјави дека објавата на Трамп „оди против душата на нашата нација и треба да наиде на универзална осуда“.
„Не можете да ја сакате Америка само кога победувате. Американскиот Устав е најважниот документ, кој гарантира слобода и владеење на правото во нашата земја повеќе од 200 години“, рече Бејтс.
„Уставот е врвен споменик на сите Американци кои ги дадоа своите животи за да ги победат деспотите кои ја злоупотребија својата моќ и ги газеа основните човекови права“, додаде тој.
Расправата во Твитер се одржала во пресрет на изборите во 2020 година, кога Џо Бајден, татко на Хантер Бајден, се кандидираше против тогашниот претседател Трамп. Самиот Трамп минатиот месец објави дека повторно ќе се кандидира за претседател.
Иако Трамп сè уште се смета за лидер на Републиканската партија, многу врвни луѓе се надеваа дека Трамп ќе престане да ги негира изборните резултати по релативно лошите резултати на партијата на неодамнешните избори.