„На пат сме да победиме на овие избори“, кажа американскиот претседател во заминување пред стотина поддржувачи собрани на отворено. „Ќе се обидат да нè уверат дека сме изгубиле. Не изгубивме“, додаде тој со воодушевени извици.
И покрај Трамповите обвинувања за изборна измама, судовите одбија голем број судски тужби кои неговите адвокати ги поднесоа низ Соединетите Американски Држави.
Трамп присуствуваше на митингот во Џорџија за да поддржи двајца републиканци, Дејвид Пердју и Кели Лефлер, кои на 5 јануари ќе се натпреваруваат со демократите Џон Ософ и Рафаел Ворнок за две клучни места во Сенатот.
Трамп повторно остро го критикуваше гувернерот на конзервативната држава Брајан Кемп кој е републиканец и негов поранешен сојузник, повикувајќи го повторно да ги провери гласачките ливчиња од претседателските избори.
Изборниот резултат во Џорџија е веќе проверен и потврден и Џо Бајден таму освои само 13.000 гласови повеќе од Трамп.
Резултатот од овие избори за Сенатот ќе одреди кој ќе го контролира горниот дом на Конгресот. На демократите им е потребна двојна победа за мнозинство, а ако републиканците освојат само едно место, ќе ја задржат контролата во Сенатот и ќе можат да ги блокираат предлозите на Бајден.
Дел од републиканците стравуваат дека Трамп со зборувањето за изборна измама на политичките собири би можел да им наштети на партиските колеги.
Републиканците сега во Сенатот имаат 50 места, а демократите 48 од вкупно 100. Две треба да се пополнат на клучните делумни избори на 5 јануари.
Кога демократите би ги добиле двете места, би биле изедначени со републиканците. Во тој случај решавачки би бил гласот на идната потпретседателка Камала Харис.