Демократскиот Тајван, кој Кина го смета за своја територија, се најде под зголемен воен и политички притисок од Пекинг, особено по воените игри на Кина во почетокот на август по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, во Тајпеј.
Секој конфликт околу Тајван може да ги вклучи САД, Јапонија, а можеби и поголем дел од светот. Исто така, конфликтот би ја уништил светската економија, особено поради доминантната позиција на Тајван како производител на полупроводници, кои се користат во сè, од паметни телефони и таблети до борбени авиони.
Во својот говор на националниот ден пред претседателската канцеларија претседателката Цаи рече дека нејзината земја жали што Кина ги загрозила мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот.
„Кина не треба да мисли дека има простор за компромис во посветеноста на тајванскиот народ кон демократијата и слободата. Сакам јасно да им укажам на властите во Пекинг дека оружениот конфликт апсолутно не е опција за нашите две страни. Само со почитување на посветеноста на тајванскиот народ кон нашиот суверенитет, демократијата и слободата може да има основа за континуирана конструктивна интеракција низ Тајванскиот теснец“, рече Цаи.
Од Пекинг сѐ уште нема реакција на нејзиниот говор.
Цаи го направи зајакнувањето на одбраната на Тајван камен-темелник на својата администрација за да ѝ овозможи на земјата поцврсто да ја одврати Кина.
„Тајван ќе му покаже на светот дека ја презема одговорноста за сопствената одбрана. Тајван го зголемува масовното производство на прецизни ракети и поморски бродови со високи перформанси и работи на набавка на мало, високомобилно оружје, кое ќе обезбеди Тајван да е целосно подготвен да одговори на надворешни воени закани“, рече Цаи во говорот.