Тајван: Кина испрати бомбардери способни да носат нуклеарно оружје и борбени авиони

Тајванските власти соопштија дека Кина испратила бомбардери способни да носат нуклеарно оружје и борбени авиони во зоната на идентификација на противвоздушната одбрана на островот.

Фото: ЕПА

Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека Кина вчера испратила осум бомбардери способни да носат нуклеарно оружје и четири борбени авиони, а денес уште 16 различни вида воени авиони на подрачјето во близина на југозападниот брег на островот, според Асошиејтед прес.

Според Министерството, Тајван одговорил испраќајќи борци, предупредувања преку радиоврска и „распоредувајќи ракетни системи за противвоздушна одбрана за следење на активностите“.

Кина засега не ги коментираше тие настани.

Владините сили во Пекинг често извршуваат слични летови, чија цел е вршење притисок врз тајванската претседателка Цај Инг-Вен да признае дека островот е дел од Кина.

Најновите летови на кинески бомбардери и борци беа извршени неколку дена по инаугурацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден.

Заедно со човековите права, трговските спорови и првичниот одговор на Кина на пандемијата на коронавирусот, прашањето за Тајван е една од клучните разлики помеѓу Пекинг и Вашингтон.

Соединетите Држави синоќа ја потврдија поддршката за Тајван по повод испраќањето кинески авиони во близина на островот, што се смета за очигледен обид за заплашување на тајванската демократска влада, но и како тест за определување на новата американска администрација, според Асошиејтед прес.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека е загрижен за кинескиот „модел на повеќекратни обиди за заплашување на соседите, вклучувајќи го и Тајван“.

„Го повикуваме Пекинг да му стави крај на воениот, дипломатскиот и економскиот притисок врз Тајван и наместо тоа да се ангажира во значаен дијалог со демократски избраните претставници на Тајван“, соопшти Стејт департментот.

Администрацијата на Бајден не навести дека ќе го намали притисокот врз Кина околу спорните прашања, иако се смета дека се залага за враќање на поумерен дијалог.

Стејт департментот додаде дека Вашингтон ќе продолжи да ги продлабочува врските со Тајван и да обезбедува одбрана на островот од кинеските закани, истовремено поддржувајќи мирно решение за отворените прашања меѓу двете страни.

Народна Република Кина и Тајван, чие официјално име е Република Кина, имаат одделни влади од кинеската граѓанска војна, водена во втората половина на 40-тите години на 20 век.

По поразот во граѓанската војна од комунистите, националистите предводени од Чанг Каи-шек се преселија на Тајван, остров на 160 километри оддалеченост од кинеското копно, и таму воспоставија влада во 1949 година.

Оттогаш, Тајван фактички функционира како независна држава, но исто како што Пекинг го смета островот за дел од својата територија, така и Тајван номинално ја смета за своја целата територија на НР Кина.

Сепак, од преминот кон демократија во раните 1980-ти, Тајван сѐ повеќе го потенцираше сопствениот идентитет.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе