Судење на стогодишен чувар на нацистички логор

Чуварот на логорот во Захсенхаузен наесен ќе биде изведен пред лицето на правдата за соучество во 3.500 убиства.

Фото: ЕПА

Кривичното гонење на последните живи злосторници од Третиот Рајх сѐ уште не е завршено. Така, по повеќе од седум децении од Нирнбершкиот процес, многумина сѐ уште успешно го избегнуваат судењето поминувајќи ги мирно своите последни денови. Меѓутоа, многумина починаа без судска пресуда, додека еден стогодишен чувар од Захсенхаузен вешто ја избегнува и смртта, а до неодамна и судот. Правдата во неговиот случај може донекаде да биде задоволена, благодарение само на фактот дека дочекал длабока старост.

Ако поживее до есен, ќе биде гонет во судот во градот Неурупин за соучество во случајот со 3.500 убиства во нацистичкиот концентрационен логор во близина на Берлин. Стогодишниот чувар, чие име не беше објавено од германските медиуми бидејќи во оваа фаза од судењето тоа не е дозволено, од 1942 до 1945 година работел во логорот, каде што, според официјалните податоци, биле затворени околу 200.000 луѓе, а меѓу 20.000 и 30.000 биле убиени.

Поради неговата возраст и здравствената состојба, обвинетиот на судењето, кое почнува во октомври, ќе се појавува во судот од два до максимум два и пол часа дневно.

Захсенхаузен беше нацистички концентрационен логор во Ораниенбург, каде што биле испраќани пред сѐ политички затвореници, од 1936 до мај 1945 година. Во него завршувале советските воени затвореници. Просторот во кој умирале од исцрпеност, неисхранетост, болести, тортура и суровост или брутални медицински експерименти денес е музеј.

Пред само четири години му се судеше на поранешниот болничар и чувар на Аушвиц, Хуберт Цафке. Тој бил во Аушвиц една година и за тоа време таму пристигнале 14 возови со затвореници. Обвинението против него беше отфрлено бидејќи не беше способен за судење поради деменција. Пред три години почна и судскиот процес против чувар во концентрациониот логор Штутхоф. Обвинетиот Јохан Ребоген, поранешен припадник на СС-единицата, беше изведен пред судот на 94-годишна возраст.

По долга борба за депортација од САД во Германија во 2018 година пристигна и Јакив Палиј, нацистички соработник што служел во озлогласената СС-единица како чувар. Во тоа време 95-годишниот Палиј беше прогласен за последниот нацистички соработник што живее во Соединетите Држави. Поради него беа организирани протести во Квинс, Њујорк, каде што престојуваше. Кога конечно беше депортиран, Белата куќа рече дека како вооружен стражар имал важна улога во планирањето на истребувањето на Евреите. Благодарност за неговото појавување во Германија јавно им беше упатувана на Доналд Трамп и Ангела Меркел.

Во 2009 година САД го депортираа и најозлогласениот чувар, Џон Демјањук, кој подоцна беше осуден за 28.000 убиства во Собибор. Во логорите на смртта во Собибор, Треблинка и Белзец, чуварите беа цивили од областа каде што се наоѓаше кампот за обука „Травники СС“ во Полска, каде што тие, како и Палиј, биле обучувани. Демјањук беше осуден на затвор, но почина додека чекаше одлука по жалбата.

Поминаа 81 година од формирањето на Аушвиц. Тогаш во него пристигнале првите 728 затвореници, полски припадници на движењето на отпорот, главно мажи на 30-годишна возраст, студенти, додека оние што таму нив ги држеле на нишан биле германски криминалци донесени од СС од логорот Захсенхаузен. Поминаа и 85 години од формирањето на Захсенхаузен. Во него на монструозен начин официјално биле одземени околу 30.000 животи.

До пред десет години судовите бараа докази за директна вмешаност на поранешните СС-чувари во злосторства.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе