Скелетот е пронајден на почетокот на ноември на околу 12 километри од брегот западно од Бангкок. Се верува дека е долг 12 метри и припаѓа на видот познат како Брајдов кит.
Експертите се надеваат дека ова откритие може да биде еден вид „прозорец кон минатото“, особено кога станува збор за истражување на нивото на морето и биодиверзитетот.
Делумно фосилизираните коски се „ретко откритие“, изјави за Би-би-си истражувачот на овие големи цицачи Маркус Чуа од Државниот универзитет во Сингапур.
This perfectly preserved 3,000 to 5,000-year-old whale skeleton was recently discovered off the coast of Thailand.
— Thailand Telegraph (@ThaiTelegraph) November 28, 2020
The 12m (39ft) long skeleton is thought to be that of a Bryde's whale. The head alone is estimated to be 3m long. pic.twitter.com/XxGOIfpwiD
„Во Азија има малку примероци на делумно фосилизирани китови“, рече тој, додавајќи дека уште помалку се пронајдени „во толку добра состојба“.
На фотографиите објавени од тајландскиот министер за животна средина Варавут Силпа-арча можат да се видат коски кои се очигледно скоро недопрени. Досега, рече тој, се ископани повеќе од 80 проценти од скелетот, имено `рбетот, ребрата, перките и едната лопатка.
Се проценува дека само главата на пронајдениот фосил е долга дури три метри, бидејќи станува збор за огромен вид кит, кој обично тежи помеѓу 15 и 20 тони.
Биологот Чуа верува дека ова откритие ќе им донесе на истражувачите бројни нови сознанија за минатото на овој вид китови и ќе им овозможи да утврдат кои се разликите во споредба со денешните Брајдови китови.
Скелетот исто така ќе им обезбеди информации за „палеобиолошките и геолошките услови што владееле во тоа време, вклучително и проценка на нивото на морето и видовите на седименти и биолошките заедници што преовладувале во тој период“.
„Верувам дека ова откритие ќе отвори прозорец во минатото веднаш штом прецизираме колку точно е стар скелетот“, рече Чуа.
Староста на коските ќе биде одредена со методот на радиоактивен изотоп на јаглерод, а резултатите се очекуваат во декември.
Експертите се многу заинтересирани за историјата на Тајландскиот Залив во последните 10.000 години, посочува Чуа. Тој вели дека нивото на морето некогаш било веројатно и до четири метри повисоко од денес, а интересно е што во оваа област има многу силна и честа сеизмичка активност.
Скелетот е пронајден недалеку од брегот во Самут Сахон. Брајдовите китови, кои живеат низ целиот свет во умерено топли и тропски води, и денес можат да се најдат во тајландските води.