среда, 24 април 2024

Израел ги засили нападите, Палестинците повторно бегаат од своите домови на северот на Газа

Некои палестински цивили денеска ги напуштија своите домови во северниот дел на Појасот Газа, само неколку недели откако се вратија, поради израелските бомбардирања за кои рекоа дека биле интензивни како во почетокот на војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најголем дел од гранатирањата втор ден по ред се случиле во Беит Лахија на северниот раб на енклавата, каде што израелската армија во вторникот нареди евакуација на четири населби, предупредувајќи дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

По неколку недели релативен мир, Израел во понеделникот вечерта ги засили нападите врз областите, особено на северот, од кои ги повлече единиците, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира.

Израелската армија денеска соопшти дека е подготвена да изврши копнен напад врз Рафа, која ја смета за последно засолниште на Хамас. Рафа е единствениот дел од Појасот Газа каде што сѐ уште немало копнена офанзива. Операцијата ќе биде почната откако војската ќе добие одобрение од владата, изјави за Ројтерс висок претставник на одбраната.

Плановите за напад на тој град, каде што се засолнети повеќе од милион луѓе, предизвикуваат голема загриженост кај меѓународната заедница. Хуманитарните агенции предупредија на претстојната хуманитарна катастрофа, а американскиот претседател Џо Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не ја напаѓа Рафа.

Портпаролот на израелската влада рече дека преместувањето на цивилите од опасните области ќе биде важен дел од стратегијата на Израел.

Во последните 24 часа во израелски напади загинаа најмалку 79 Палестинци, а 86 се повредени, соопшти Министерството за здравство во Појасот Газа.

Две лица загинаа во напад на куќа во Рафа, четворица загинаа кога проектил погоди група луѓе што стоеја пред супермаркет во бегалскиот камп Ал-Нусеират, а едно лице загина во напад на куќа во Деир Ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа, изјавија палестинските здравствени власти.

Жителите на северниот дел на Појасот Газа и предградијата на градот Газа пријавија силно гранатирање.

„Не знаеме зошто сето ова се случува. Дали затоа што дојдовме дома и конечно добивме помош по месеците глад, а на Израелците тоа не им се допаѓа?“, рече Мухамед Џамал ​​(29), жител на градот Газа, во близина на Зејтун, едно од најстарите предградија на градот.

„Како војната повторно да почна“, рекол тој за Ројтерс.

Израелската армија немаше коментар за настаните што се случија денеска. Израелската војска соопшти дека нападнала области во Беит Лахија од каде што во вторникот вооруженото крило на Исламски џихад истрела ракети врз две израелски погранични населби.

Беа погодени и други цели, вклучително и тунелски шахти, воени структури и ракетен фрлач, соопшти во вторникот израелската војска. Жителите денеска изјавија дека има гранатирање во централниот дел на Појасот Газа околу Ал-Нусеират и Хан Јунис, град на југот, од каде што војниците овој месец се повлекоа.

Во болничкиот комплекс Насер, главната болница на југот на енклавата, властите рекоа дека пронашле уште тела во масовна гробница, вкупно 334. Палестинците рекоа дека израелските војници со булдожер ги исфрлиле телата таму за да ги прикријат злосторствата.

Израелската војска соопшти дека војниците ископале некои тела на таа локација и повторно ги закопале откако ги тестирале за да утврдат дали меѓу нив имало заложници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ