Европа истражува што ги предизвикало експлозиите на руско-германскиот гасовод. Европските функционери се сомневаат дека експлозиите во близина на шведските и данските територијални води се резултат на саботажа.
„Крајбрежната стража е одговорна за мисијата, но ние ги поддржуваме со единици“, кажа портпаролот на шведската морнарица Џими Адамсон за Ројтерс. „Само ќе го одредиме ХМС Белос, кој е подморница за спасување и брод за нуркање“, додаде тој.
Шведската крајбрежна стража соопшти дека Северен тек 1 престанал да истекува, но резултатите од прелетувањето на тоа место сугерираат дека гас сè уште истекува од Северен тек 2 и излегува на површината во радиус од 30 метри. Кремљ денес за експлозиите го обвини Западот, порачувајќи дека поради тоа Соединетите Американски Држави можат да ја зголемат продажбата и цената на својот течен гас.