Според првите проекции, за законот гласале 63 отсто од граѓаните, со маргина на грешка од три проценти.
Противниците на здравствените пропусници, кои го иницираа референдумот, загубија, што не е чудно бидејќи на анкетите пред референдумот постојано им даваа предност на поддржувачите на законот.
Само популистичката десничарска политичка партија УДЦ, главната политичка партија во земјата, повика на гласање против законот.
Гласањето за т.н. Закон ковид-19, кој покрај воведувањето здравствени пропусници, ослободува и милијарди швајцарски франци помош за вработените и компаниите погодени од пандемијата, е донесен во време кога Швајцарија, како и многу други земји во Европа, се соочува со голем скок на бројот на новозаразените со коронавирусот, како и во време кога се појави нов сој на коронавирусот, омикрон, кој Светската здравствена организација го означи како загрижувачки и го врати светот во состојба на готовност.
Швајцарската влада, за разлика од другите во Европа, на тоа не одговори со нови ограничувања.
Аналитичарите оценија дека власта не сака да поттикне дополнително противење на нејзината антиковид-политика пред референдумот и дека владата може да ги зајакне антиковид-мерките доколку Швајцарците го поддржат законот.
Кампањата пред референдумот беше обележана со голем број демонстрации, понекогаш со насилство, но далеку од сцените на немири видени во Холандија и француските Антили.
Сепак, зголемените тензии во Швајцарија, земја позната по својата култура на дијалог и компромис и каде што референдумите се одржуваат неколку пати годишно во мирна атмосфера, имаа „ефект на електрошок“.
Како знак на невообичаени тензии во Швајцарија, полицијата подигна ограда пред седиштето на владата и парламентот во Берн во пресрет на демонстрациите во текот на денот.
Швајцарските власти во вторникот предупредија на растечкиот „петти бран“ на инфекција со коронавирусот во земјата, каде што стапките на вакцинација се приближно слични на оние на соседите на Австрија и Германија, при што се вакцинирани околу две третини од населението. Стапките на нови инфекции значително скокнаа во Швајцарија во последните недели.