Тројцата лидери таму ќе разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски за понатамошната поддршка на Украина и нејзината желба да стане членка на Европската Унија. Лидерите на трите најголеми економии на ЕУ се досега најважната европска делегација која стигнала во Украина од почетокот на конфликтот.
Воздушниот сообраќај над Украина поради конфликтот е блокиран, па тројцата европски лидери во Киев стигнаа од Полска со воз. Тргнале кон Киев од полскиот град Пжемисл нешто по полноќ. Патувањето преку ноќ било планирано со денови, но од безбедносни причини не било потврдено сè до самото доаѓање во Киев.
На тројцата лидери во Киев во текот на денот треба да им се придружи и романскиот претседател Клаус Јоханис. Посетата е особено важна за Шолц по неколкуте недели дебата за тоа дали треба да замине за да ја искаже поддршката на Берлин на Киев.
Зеленски со месеци создава притисок врз германските политичари да направат повеќе во борбата против Русија, вклучувајќи ги барањата за испраќање тешко вооружување како тенкови. Украинскиот политички врв претходно ја одби посетата на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, сметајќи го за политички маргинален.