„Помина времето за половични мерки“, кажа Кулеба за Ројтерс пред вториот ден на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ денес во Прага. „Само остра и доследна политика може да даде резултати“.
Се очекува министрите да се договорат за суспензија на договорот за визни олеснувања со Москва, што значи дека Русите ќе мораат подолго да чекаат и повеќе да плаќаат за визите, додека блокот веројатно ќе остане поделен околу целосна забрана за патувања во ЕУ.
„Забраната за издавање визи за руските туристи и некои други категории би била примерен одговор на геноцидната агресорска војна на Русија во срцето на Европа која ја поддржуваат големо мнозинство руски граѓани“, кажа Кулеба за британската новинска агенција.
Тој предложи и почнување специјална програма за руските војници кои повеќе не сакаат да се борат во Украина. „Пораката е: спаси се и замини. Положи го оружјето, предади им се на украинските сили и добиј прилика да почнеш нов живот“, кажа Кулеба.
„Уверен сум дека вреди да се даде таа понуда, дури и ако еден руски војник го положи оружјето и реши да замине, тоа ќе значи спасени украински животи и поскор мир“, кажа Кулеба.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика вчера руските војници да бегаат за да си ги спасат животите откако неговите сили почнаа офанзива во обид да ја вратат јужна Украина.
Москва јави дека го одбила нападот со големи жртви на украинските сили.