Заканата дојде по состанокот на политичкото биро со кој претседава претседателот на земјата Ким Џонг Ун, кој се подготвува за „долг конфликт“ со САД.
„Непријателската политика и воената закана на САД достигнаа ниво на опасност што не може да се игнорира. Од тие причини на состанокот на Политичкото биро на Централниот комитет на Работничката партија беше наредено итно да се разгледа продолжувањето на сите активности кои беа под мораториум“, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Пјонгјанг нема спроведено ниеден нуклеарен тест со балистички проектили со долг дострел од 2017 година, давајќи му предност на дијалогот со САД за време на трите средби со поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Од неуспешниот самит на двајцата лидери во Ханој во 2019 година, преговорите се во мртва точка. Северна Кореја, вооружена со нуклеарно оружје, ги одбива повиците за преговори, рестартирајќи ги тестирањата на проектили, особено на суперсонични проектили.
Минатата недела, САД воведоа нови санкции на Пјонгјанг откако комунистичкиот режим на Ким Џонг Ун на почетокот на оваа година лансираше неколку проектили, вклучително и два тактички наведувани проектили.