Шпанскиот премиер за Гардијан

Санчез: Потребна ни е непоколеблива солидарност за да ја сочуваме Европа

Шпанскиот премиер Педро Санчез оцени дека Европа за време на пандемијата на коронавирусот се соочува со најлошата криза од Втората светска војна и ги повика земјите од Европската Унија на „непоколеблива солидарност“.

„Солидарноста меѓу Европејците е клучен принцип во рамките на ЕУ договорот. Таа се покажува во ситуации како оваа. Без солидарност нема единство, а доколку нема единство, ќе дојдеме до незадоволство и со тоа ќе го оштетиме кредибилитетот на европскиот проект“, напиша Санчез во авторскиот текст за британски Гардијан.

Тој додава дека Европа е „создадена од пепелот на уништувањето и конфликтите“, дека ги научила своите лекции и научила едно многу едноставно нешто: ако не победиме сите, на крајот губиме.

„Оваа криза можеме да ја претвориме во прилика одново да изградиме многу посилна Европска Унија. Но, за да го постигнеме тоа, мораме да примениме амбициозни мерки. Доколку постапиме без доволно амбиција, ќе доживееме неуспех“, порача Санчез.

Тој оцени дека е време Европа да ги разбие „старите, националните догми“.

Според него, во следните месеци ЕУ членките неминовно ќе влезат во поголеми долгови за да се изборат не само со пандемијата, туку и со економската и општествена криза.

„Токму затоа, одговорот не може да биде ист како оној предвиден за асиметричните економски шокови, како финансиските или банкарските кризи во една или група држави. Доколку вирусот не ги почитува границите, не би требало да ги почитуваат ни механизмите за финансирање“, оцени шпанскиот премиер.

Тој додаде дека таа солидарност мора да обезбеди да не постојат празнини меѓу северот и југот и никој да не биде запоставен.

„Ова се исклучително предизвикувачки времиња кои бараат многу храбри одлуки. Милиони Европејци веруваат во Европската Унија. Не смееме да ги заборавиме. Мораме да им дадеме причини да продолжат да веруваат. И мораме да дејствуваме сега или никогаш, бидејќи сега, токму во овој момент, самата Европа е доведена во прашање“, порача Санчез.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе