Официјални лица преку конференциски повик со новинарите изјавија дека потегот е направен во координација со Европската унија.
Тие исто така го повторија повикот на претседателот на САД Џо Бајден, Русија да го ослободи Навални од затвор.
Санкциите се одговор на рускиот обид за убиство на Навални минатата година, обвинение што Русија го негира. Претходникот на Бајден, поранешниот претседател Доналд Трамп, не ѝ изрече казна на Русија заради нападот на Навални.
Бајден има построг пристап кон рускиот претседател Владимир Путин отколку Трамп, пишува Ројтерс.
„Соединетите Држави ниту бараат да ги ресетираме односите со Русија, ниту пак да ги ескалираме“, рече еден официјален претставник.
„Веруваме дека САД и нашите партнери мора да бидат јасни и да наметнуваат санкции кога однесувањето на Русија ги надминува границите што одговорните нации ги почитуваат“, додаде официјалното лице.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден усвои санкции против руски официјални лица и компании, бидејќи заклучи дека Русија се обидела да го убие рускиот опозициски лидер Алексеј Навални со нервен агенс, соопштија неименувани официјални лица од администрацијата на Бајден.
Претходно денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва сигурно ќе одговори на санкциите што Соединетите Држави може да ѝ ги воведат на Русија поради ситуацијата со осудениот опозиционер Алексеј Навални.
„Ќе им одговориме без грешка. Едно од основните правила на дипломатијата е реципроцитет. Нема поента да го коментирам таквиот чекор. Неколку пати повторивме што мислиме за нелегитимните еднострани санкции што американските колеги планираат да ги користат, без основа. Тоа се случува практично секогаш, а потоа Европската унија ги следи потезите на САД“, рече Лавров, пренесе ТАС.
Лавров додава дека Соединетите Држави немаат што да кажат во врска со наводите за наводното труење на Навални.