САД: ОПЕК застана на страната на Русија

На вчерашниот состанок во Виена, нафтениот картел ОПЕК плус, предводен од Саудиска Арабија и Русија, постигна договор за најголемото намалување на производството од пандемијата на ковид во 2020 година, потег што ќе доведе до пораст на цените и што САД го окарактеризираа како „јасно застанување на страната на Русија“.

Фото: ЕПА

Одлуката за намалување на производството дојде и покрај силното лобирање на американската влада пред вчерашниот состанок и претставува значително разидување со администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, која се обидува да ги намали цените на нафтата и горивото пред клучните ноемвриски избори на средина на мандатот.

Извори на Ројтерс соопштија дека е договорено намалување од два милиони барели дневно, што е околу два отсто од светската побарувачка.

Цените на нафтата од петокот пораснаа за 5 отсто пред состанокот, а вредноста на референтната брент нафта достигна 91,95 долари за барел по вестите за намалување на производството, додека трговците синоќа очекуваа повеќе детали.

Саудиска Арабија и другите членки на ОПЕК плус, од кои се состои Организацијата на земјите-извознички на нафта и другите производители, вклучително и Русија, рекоа дека се обидуваат да ја спречат пазарната нестабилност, а не да постигнат одредена цена на нафтата.

Белата куќа синоќа ја нарече одлуката на ОПЕК Плус „погрешна“ и „кратковидна“ и наведе дека Бајден ги повикал администрацијата и Конгресот да истражат начини за зајакнување на американското производство на енергија и намалување на контролата на ОПЕК врз цените на енергијата.

Бајден, исто така, ќе продолжи да го насочува ослободувањето на залихите од стратегиските резерви „по потреба“, рекоа во изјавата советникот за национална безбедност Џејк Саливан и директорот на Националниот економски совет Брајан Диз.

Одлуката за намалување на производството за два милиони барели дневно јасно покажува дека групата застанала на страната на Русија, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер. „Претседателот беше разочаран од кратковидната одлука на ОПЕК плус да ги намали производствените квоти додека глобалната економија се справува со континуираниот негативен ефект од инвазијата на Путин на Украина“, соопшти Белата куќа.

Ријад ги отфрли критиките дека застанал на страната на Русија за да ги зголеми цените и рече дека Западот често бил воден од „богаташката ароганција“ кога ја критикувал групата.

САД разгледуваа голем број мерки доколку ОПЕК плус успее да ги зголеми цените, вклучително и ограничување на извозот од САД, рекле упатени извори за Фајненшл тајмс.

Аналитичарите велат дека одлуката на Саудиска Арабија да ги поддржи намалувањата, кои ќе ги зголемат цените на нафтата и ќе ги поткопаат напорите на западните влади да ги намалат руските приходи што ја финансираат војната во Украина, претставува пресвртница во 75-годишниот енергетски сојуз на Ријад со САД.

„Саудиска Арабија го стави ОПЕК на пат кон судир со слободниот свет. Тие застанаа на страната на Русија во име на протекционистичкото управување со нафтениот пазар - во време кога потрошувачите низ светот се соочуваат со инфлација и зголемени трошоци за живот“, изјави за ФТ Бил Фарен Прајс, аналитичар од консултантската фирма „Енверус“. „Ријад ќе мора да се соочи со политичките последици“.

Односите меѓу Саудиска Арабија и администрацијата на Бајден се затегнати, а американскиот претседател го посети Ријад претходно оваа година, но не успеа да обезбеди цврсти ветувања за енергетска соработка.

„Одлуката е техничка, а не политичка“, изјави вчера министерот за енергија на Обединетите Арапски Емирати Сухаил ал Мазруи. „Нема да го користиме како политичка организација“, посочи тој.

Снабдувањето со нафта би можело дополнително да биде отежнато во наредните месеци кога ќе стапи во сила европската забрана за најголем дел од рускиот увоз, а ЕУ вчера се согласи за нови санкции, кои треба да вклучуваат ограничување на цената на руската нафта.

Русија „ќе мора да најде нови купувачи за својата нафта кога ембаргото на ЕУ ќе стапи во сила во почетокот на декември, а за да го направи тоа, ќе мора да направи отстапки“, изјавија за агенцијата АП аналитичарите од Комерцбанка. „Така, зголемувањето на цената пред тоа, поттикнато од глобалните намалувања на производството, е добредојдено.“

Сѐ послабите изгледи за дипломатски договор за ограничување на иранската нуклеарна програма ги намалија и изгледите за враќање на дури 1,5 милион барели дневно иранска нафта на пазарот, потсетува АП.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе