Главната уредничка на рускиот државен информативен канал Маргарита Симонјан изјави дека водителот Антон Красовски е суспендиран поради своите „одвратни коментари“. Таа рече дека никој во РТ не ги дели ставовите на Красовски. Исто така, беше објавено дека Красовски е разрешен.
Станува збор за водител кој јавно ја поддржува војната во Украина и кој ЕУ го стави на листата санкционирани лица.
Красовски во објава на социјалните мрежи се извини и рече дека му е „навистина срам".
„Па, се случува: во етер си, понесен и не можеш да запреш. Барам прошка од сите што останаа запрепастени", рече тој, пренесе Ројтерс.
Рускиот државен истражен комитет соопшти дека е отворена истрага за Красовски.
Красовски во својата емисија минатата недела рече дека „украинските деца треба да се фрлат директно во река со силна струја“.
Governments which still have not banned RT must watch this excerpt. This is what you side with if you allow RT to operate in your countries. Aggressive genocide incitement (we will put this person on trial for it), which has nothing to do with freedom of speech. Ban RT worldwide! https://t.co/xJC371rqyg
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) October 23, 2022
При давањето на овие коментари, Красовски се осврна на зборовите на рускиот писател на научна фантастика Сергеј Лукјаненко за тоа како, кога првпат ја посетил Украина во 1980-тите, децата му рекле дека ќе живееле подобро доколку Москва не им ја окупирала земјата.
„Треба да се удават во реката Тиса. Само удавете ги тие деца. Алтернативата е да се стават во колиба и да се запалат“, рече Красовски во емисијата.
Во краткото видео објавено на социјалните мрежи, Красовски се насмеа на информациите дека припадници на руските сили силувале постари жени во Украина за време на војната. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го коментираше видеото на Красовски на Твитер.
„На земјите кои не ја забранија РТ треба да им се прикаже овој клип“, напиша Кулеба. Агресивното поттикнување на геноцид, додаде тој, нема никаква врска со слободата на говорот. „РТ треба да се забрани во целиот свет“, коментираше Кулеба.
Руската државна телевизија, под контрола на Кремљ, гласно навива за руската инвазија на Украина. Водителите рутински ги отфрлаа извештаите за руските воени злосторства, а многумина го искористија емитувањето да го повикаат рускиот претседател Владимир Путин да преземе уште поагресивен пристап во инвазијата.
„За децата на Украина, како и за децата од Донбас и за сите други деца, сакам сето ова да заврши што е можно поскоро и да можат повторно да живеат и да учат во мир - на јазикот што го сметаат за свој мајчин јазик“, напиша Симонјан на официјалната веб-страница на РТ.