„Кои се мајстори за провокација? Се разбира, САД и НАТО“, рече портпаролката на министерството Марија Захарова во интервју за државната телевизија.
Захарова рече дека брзата реакција на Западот поради сликите на загинатите цивили укажува дека приказната е дел од планот за оштетување на угледот на Русија.
„Во овој случај, ми се чини дека фактот што овие изјави (за Русија) беа дадени веднаш по појавувањето на овие материјали не остава сомнеж за тоа кој ги ‘нарачал’“.
Украинските власти во неделата соопштија дека истражуваат можни воени злосторства извршени од Русија, откако стотици мртви тела беа пронајдени во градовите околу Киев.
Руските власти тврдат дека фотографиите и снимките од Буча се „провокација“ направена со намера да се нарушат мировните преговори меѓу Москва и Киев. Руското Министерство за одбрана вели дека фотографиите се „уште една местенка на режимот во Киев“.
Снимките и фотографиите на загинатите цивили ги поттикнаа западните земји да побараат казнување на одговорните за воени злосторства.
Русија, пак, бара Советот за безбедност на ОН да се состане денеска за да разговара за „провокацијата на украинските радикали“ во Буча.
На 24 февруари Русија испрати десетици илјади војници во Украина во „специјална воена операција“ за уништување на воените сили на јужниот сосед и искоренување на „опасните националисти“.
Украинските сили даваат силен отпор, а Западот воведе силни санкции кон Русија за да ја принуди да се повлече.