Обраќајќи се вчера во Советот за безбедност на ОН, Кузмин го спомна извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 7 јануари 2011 за злосторствата кои ги извршила таканаречената Ослободителна војска на Косово од 1998 до 2000 година.
„Извештајот ги откри злосторствата против човештвото, воените злосторства, систематските грабнувања и убиства, како и трговијата со органи во индустриски размери“, кажа рускиот дипломат.
„Изненадувачки, ни МКСЈ ни Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови како негов наследник немаа прашања за оние кои беа спомнати во извештајот“, кажа Кузмин на состанокот на Советот за безбедност на ОН за извештајот на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови.
Тој наведе дека без оглед на сведоштвата за нелегална трговија со органи и други грди и нехумани дејства на лидерите на косовските Албанци, МКСЈ ниеден од нив не го повикал да даде исказ, а не почнал ни истрага за таквите тврдења.
Според рускиот дипломат, ваквата заштита од МКСЈ „направи највисоките нивоа на самопрогласениот територијален ентитет кој незаконски е одвоен од Србија да се почувствува целосно безгрешен“.
„Не така одамна овие крвави разбојници и криминалци се претворија во угледни политичари кои спијат на ловориките на национални херои, даваа интервјуа, се ракуваа со европските лидери и до неодамна уживаа на слобода и неказнети“, додаде Кузмин.
Тој на крајот ги праша западните колеги што мислам како се чувствувале роднините на луѓето кои биле продадени во ропство или им биле вадени органи кога ги гледале „европските патувања и политичките тури“ на Хашим Тачи, Рамуш Харадинај и нивните соучесници и „како борбата против неказнивоста се вклопува во сето тоа“.