„Количеството гас кое Газпром го обезбеди за транзит во Молдавија преку Украина е поголемо од физичкото количество кое ја премина границата на Украина и Молдавија“, објави Газпром во соопштението и додаде дека „од понеделник 28 ноември ќе почне да се намалува снабдувањето со гас ако продолжи транзитниот дисбаланс на гас низ Украина за купувачите во Молдавија“.
Украинскиот гасовод е последниот преостанат гасовод преку кој рускиот гас и понатаму пристигнува во Западна Европа по саботажата на двата крака на гасоводот Северен тек. Украина негираше дека ги блокира испораките на гас, тврдејќи дека целиот договорен гас кон Молдавија е уредно пренесен.
„Ова не е првпат Русија да го користи гасот како средство за политички притисок“, кажа Олга Белкова, функционерка на украинскиот државен оператор за транспорт на гас. „Ова е тешка манипулација со фактите за да се оправда одлуката за дополнително ограничување на снабдувањето со гас на европските земји“.