„Нечуено е“ САД да тврдат дека руската разузнавачка агенција ФСБ стои зад наводното труење на Навални, изјави во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Вашингтон и Брисел треба да имаат докази за труење, рече Песков, пренесе агенцијата Интерфакс.
Соединетите Држави и Европската унија воведоа санкции кон Русија во вторникот поради прогонството на сега затворениот гласен противник на рускиот претседател Владимир Путин.
Русија се сомнева во наводите дека водечката опозициска фигура била отруена на 20 август со забранетиот хемиски нервен агенс новичок.
Четири лаборатории, вклучително и една која ѝ припаѓа на германските вооружени сили, открила траги од нервниот агенс во крвта на Навални.
ЕУ веќе воведе санкции поради труењето на Навални, но откако беше осуден на повеќе од две години затвор во февруари, Брисел во вторникот воведе дополнителни санкции - забрана за влез и замрзнување на имотот на четворица руски официјални лица одговорни за случајот на Навални.
САД исто така воведоа санкции против руски државјани и ентитети. Санкциите, насочени кон седум високи функционери, се „јасен знак“ за Москва, изјави американски официјален претставник кој сакал да остане анонимен.
Песков ги опиша потезите како неприфатливи и штетни за односите на Русија со ЕУ и Соединетите Држави. Тоа е мешање во руските внатрешни работи, додаде тој.
Во исто време, тој рече дека казнените мерки нема да имаат ефект. „Овие луѓе и онака не патуваат во странство и немаат право да отвораат сметки во странски банки ниту имаат имоти во странство“.
Руското Министерство за надворешни работи најави дека ќе возврати со санкции. „Одговорот доаѓа, веќе се разработува. Не грижете се“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова на руската државна телевизија во средата.