„Уште колку треба да ги трпиме овие глупости?“, праша британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд.
Русија претходно најмалку двапати во Советот за безбедност го покрена прашањето за програмите за биолошко оружје во Украина, а САД и Украина изјавија дека немаат такви програми.
Русија сега се залага за официјална истрага, подготвувајќи нацрт резолуција на Советот за безбедност за формирање комисија составена од сите 15 членки на Советот, која треба да ги испита нејзините тврдења.
Според Конвенцијата за биолошко оружје, која стапи на сила во 1975 година, таков потег е можен, но никогаш не бил спроведен, пишува Ројтерс.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд рече дека обвинувањата на Русија се „чиста измислица презентирана без трошка доказ“, дека средбата претставува „колосално губење време“, обид да се одвлече вниманието од злосторствата на руските сили во Украина и очајна тактика за оправдување на неоправдана војна.
Дека не се свесни за какви било програми за биолошко оружје во Украина е ставот и на претставниците на ОН за разоружување.
„Дали навистина мислите дека сме толку наивни? Дали навистина мислите дека мислиме дека Пентагон ќе го информира високиот претставник на Канцеларијата за разоружување при ОН за нивните тајни биолошки програми во Украина?“, праша рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија, залагајќи се за формирање на комисијата.
Засега не е познато кога Русија ќе ја стави на гласање нацрт-резолуцијата, за чие усвојување се потребни девет гласа „за“ и без вето од Русија, Кина, САД, Франција или Велика Британија.
Западните дипломати оценија дека потегот на Русија најверојатно ќе пропадне.