Десетина илјади лица протестираа во Москва

Русија ги обвини САД дека се мешаат во нејзините внатрешни работи коментирајќи ги протестите

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска ги обвини Соединетите Држави дека се мешаат во внатрешните работи на Русија и ги охрабруваат Русите да го прекршуваат законот, коментирајќи ги масовните протести во таа земја поради апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Фото: ЕПА

За време на вчерашните демонстрации во стотина руски града, каде што беа уапсени повеќе од 3.500 луѓе, портпаролката на американската амбасада во Москва, Ребека Рос, на Твитер напиша дека Вашингтон „го поддржува правото на сите луѓе на мирен протест и слобода на изразување“.

„Чекорите преземени од руските власти ги гушат тие права“, додаде Рос.

Американската амбасада во Москва го објави и соопштението на Стејт департментот во кое се повикува на ослободување на Навални, најпознатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин.

Песков денес изјави дека коментарите на американската амбасада во Москва „индиректно претставуваат апсолутно мешање во внатрешните работи на Русија“ и додаде дека тие се „директна поддршка за кршење на руските закони и неовластено постапување“.

Десетици илјади луѓе учествуваа во вчерашните неодобрени протести, од кои 15.000 само во Москва, но Песков рече дека тие бројки се безначајни.

„Сега, многумина ќе речат дека многу луѓе излегоа на незаконски акции. Не, малку луѓе излегоа, многу луѓе гласаат за Путин“, додаде Песков.

44-годишниот Навални, познат по објавувањето многубројни извештаи за корупција во Путиновата Русија, беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето од Германија, каде што пет месеци се опоравуваше од труењето со нервниот агенс, за кое го обвинува Кремљ. Руските власти упорно негираат дека учествувале во труењето на Навални.

Тој беше уапсен затоа што, според надлежните органи, ја прекршил условната казна што му била изречена откако во декември 2014 година беше осуден на три и пол години затвор, условно на шест години, за измама и перење пари. Навални ги отфрла обвинувањата како политички мотивирани.

Условниот период според таа пресуда требаше да истече во декември 2020 година, а неколку дена пред истекувањето, властите го обвинија Навални дека не се јавувал редовно.

Руските власти минатата недела соопштија дека ќе побараат Навални да одлежи три и пол години затвор, колку што му беше изречената условна казна. Сослушувањето по тој повод е закажано за 2 февруари.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе