Русија ги намалува амбициите во Украина

Русија вчера соопшти дека сè уште планира да обезбеди барем голем дел од источна и јужна Украина за кој тврди дека е нејзин, но се чини дека се откажала од заземање на другите области на запад и североисток што Украина си ги врати.

Фото: ЕПА

Русија никогаш не ги дефинира целосно целите на инвазијата, за која рече дека е делумно наменета за заштита на населението што зборува руски во источна Украина. Сепак, веќе не зборува за обиди за принудна промена на власта во Киев.

Кремљ вчера соопшти дека завршувањето на војната зависи од претседателот на Украина, потсетувајќи на условите што Киев постојано ги одбива, додека претседателот Владимир Путин вети дека ќе ја продолжи борбата и покрај критиките од Западот.

Украинците го спречија молскавичниот марш на руските сили на главниот град во почетокот на инвазијата, која почна на 24 февруари, и ги истиснаа од регионите Суми и Харсков и делови во близина на Миколаев на исток.

Киев негира дека го прогонува населението на Украина што зборува руски и вети дека ќе ја ослободи целата територија што Москва ја зазеде од 2014 година, кога го зазеде полуостровот Крим и ги поддржа вооружените сепаратисти што ја презедоа контролата врз делови од Доњецк и Луганск.

Вчерашните коментари на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, водат до заклучок дека Русија ја ограничува територијата на Украина што сега се обидува да ја припои кон четирите региони што ги прогласи за свои: Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

Ниту еден од нив не е целосно под руска контрола, а Песков навести дека во случајот со Запорожје, Русија се откажала од освојување на остатокот. На прашањето дали Русија планира да анектира повеќе области покрај тие четири, Песков одговори:

„Нема збор за тоа. Иако немаше најави во врска со тоа. Но без разлика, претстои голема работа за ослободување на териториите пред нас, во одреден број области на Руската Федерација има окупирани територии што мора да се ослободат“. Потоа дополнително објасни:

„Мислам на дел од Република Доњецк, како и на она што стана дел од Руската Федерација (преку анексија), а потоа беше повторно окупирано од украинските војници.“

Русија во октомври објави дека припоила четири области што ги нарекува „нови територии“, набргу по одржувањето на таканаречените референдуми, кои Киев, Западот и повеќето држави во Обединетите нации ги отфрлија како лажни.

Москва јасно стави до знаење дека сака да ја преземе целосната контрола врз Доњецк и Луганск, двата региони во кои главно се зборува руски, а кои заедно го сочинуваат Донбас, но не прецизираше колкав дел од регионите Запорожје и Херсон ќе припои.

Ако Русија сакаше да ги обезбеди само деловите на Запорожје што ги контролираше во времето на референдумот, зад дел од линијата на фронтот, која со месеци едвај се поместува, тоа би значело откажување од секаква амбиција да ја окупира северната третина од таа област, како и нејзиниот истоимен индустриски главен град на реката Дњепар, пишува Ројтерс.

Минатиот месец руската армија беше принудена да ги напушти сите делови на Херсонската област што ја контролираше на западниот брег на Дњепар, вклучувајќи го и главниот град Херсон. Украинските сили контролираат околу 40 отсто од регионот на Доњецк и зазедоа дел од Луганск.

Песков вчера изјави дека „Зеленски знае кога војната може да заврши. Тоа може да биде утре ако сака“.

Кремљ долго време вели дека Украина мора да ги прифати руските услови за прекин на конфликтот, а тоа е да го признае Крим како дел од Русија, а исто така да ги прифати другите територијални придобивки на Москва во Украина.

Зеленски и другите украински официјални лица постојано ги отфрлаа тие услови, велејќи дека војната ќе заврши кога ќе се ослободат окупираните територии или кога руските сили ќе ги напуштат.

Признавајќи дека постигнувањето на неговите цели во конфликтот трае подолго отколку што очекувал, Путин во средата рече дека војната во Украина „може да биде долготраен процес“. Тој ги опиша територијалните придобивки на Москва како „значаен резултат за Русија“, велејќи, на пример, дека Азовско Море сега станало „внатрешно море“ на Русија, што било план на рускиот цар Петар Велики пред неколку века.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе