Расте притисокот на европските земји врз Германија да ја продолжи работата на нуклеарните централи

Расте притисокот врз германската влада, кој доаѓа не само од опозицијата, туку и од европските партнери, поради недостигот на гас да ја продолжи работата на преостанатите три нуклеарни централи и да ги врати во функција дополнителните електрани кои неодамна престанаа да работат, објавија денес германските медиуми.

Фото: ЕПА

„Од германската влада се бара да ја продолжи работата на нуклеарните централи, а тоа го бара не само опозициската демохристијанска Унија ЦДУ/ЦСУ, туку и неколку партнери од Европската унија“, пренесува агенцијата ДПА, повикувајќи се на извори во Европската комисија.

Најпрво, источните членки на Европската унија, како Унгарија, Романија, Словачка, како и соседна Франција, бараат од германската влада да ја продолжи работата на своите нуклеарни централи поради критичната состојба со природниот гас.

Во Германија 15 отсто од електричната енергија сè уште се добива од електрани кои користат гас.

„Ако Германија сака да заштеди гас, треба да ја продолжи работата на своите преостанати три нуклеарни централи, или уште подобро: нека ги рестартира трите електрани што ги затвори минатата година“, рече словачкиот министер за економија Ричард Сулик.

Според неговите информации, со работата на шестте германски нуклеарни централи би биле заштедени 15 милијарди кубни метри гас, што е половина од количината што ЕУ сака да ја заштеди според новопостигнатиот договор.

Слична изјава даде и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ја критикуваше Европската комисија за одбивањето да ја принуди Германија да ги рестартира своите нуклеарни централи.

Во Германија сè уште работат три нуклеарни централи, кои според постоечкиот закон, донесен за време на владеењето на Ангела Меркел и по катастрофата со нуклеарната централа во Фукушима, треба да престанат со работа најдоцна до крајот на годината.

Експертите веруваат дека трите нуклеарни централи кои престанаа да работат минатата година можат повторно да се приклучат на мрежата во рок од неколку недели без никаков проблем.

„Не зборуваме за години, туку за недели. Сите исклучени блокови се технички во совршена состојба“, изјави шефот на Сојузната канцеларија за техничка исправност Јоахим Булер за дневниот весник Билд.

Во социјалдемократско-зелено-либералната коалициска влада, пред сè, партијата на Зелените силно се противи на продолжувањето или рестартирањето на нуклеарните централи. Како компромис се споменува продолжување на работата на електраните додека не се потроши нуклеарното гориво на залиха. Тоа за работа на постојните електрани би можело да потрае до мај следната година.

Зелените целосно ја исклучуваат набавката на ново гориво за нуклеарните централи. Дополнително, се истакнува дека ново гориво би било достапно дури од пролетта следната година.

Министерот за економија и енергетика Роберт Хабек (Зелени), смета, како и социјалдемократските членови на владата, дека продолжувањето на работата на нуклеарните централи ќе придонесе за заштеда на само 0,7 отсто од гасот. Нуклеарните централи кои сè уште работат произведуваат околу 6 отсто од електричната енергија за потребите на Германија.

Европската комисија нагласи дека нема да се меша во конфликтот за германските нуклеарни централи, посочувајќи на тоа дека учеството на поединечни енергенти во вкупната потрошувачка е работа на земјите-членки.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе