Предлогот го иницираше Социјалистичката народна партија (СНП), а го потпишаа 38 пратеници на власта, со поддршка од тројца пратеници на ГП УРА.
Повод за поднесување на предлогот била изјавата од 28 август, кога претседателот на државата Мило Ѓукановиќ кажа дека ќе дојде на протестот во Цетиње ако Српската православна црква не се откаже од устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникије во тој град.
„Се надевам дека нема да бидам во ситуација на 5 септември и самиот да бидам на Цетиње, таму каде што е мнозинска Црна Гора, каде се брани достоинството на државата“, кажа тогаш Ѓукановиќ.
Устоличувањето беше одржано на 5 септември, а му претходеа протести на дел од граѓаните, блокади на патиштата кон Цетиње. Полицијата ги разбрка демонстрантите со солзавец, а митрополитот, со српскиот патријарх Порфирие, со воен хеликоптер дојде на Цетиње и церемонијата на устоличување беше одржана во Цетињскиот манастир.
Ѓукановиќ дојде на протестот на 4 септември, прошета по улиците на Цетиње и до доцна во ноќта седеше во Градска кафана со функционери на ДПС и дел опозициски партии, бизнисмени и симпатизери.
Во предлогот за отворање постапка за утврдување дали претседателот го повредил уставот се наведува дека со ваквото постапување Ѓукановиќ грубо го повредил членот 14 од уставот кој пропишува дека „верските заедници се одвоени од државата, како и дека верските заедници се рамноправни во вршењето верски обреди и верски работи“.
Наведено е и дека Ѓукановиќ го прекршил членот 161 од кривичниот закон „организирајќи и повикувајќи на спречување верски обред, што оперативно во дело го спроведувал неговиот советник за безбедност Веселин Вељовиќ“.
На јавноста сè уште не ѝ е достапна информацијата дали Вељовиќ ќе одговара или е ослободен од сомнеж дека ги предводел демонстрантите во пробивањето на полицискиот кордон на Цетиње пред устоличувањето.