Русија врши масовни ракетни напади низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев, предизвикувајќи прекини на струја и вода, соопштија украинските власти.
Во последните неколку недели Русија ги засили ракетните напади врз Украина откако го обвини Киев за експлозијата што го оштети мостот на Крим.
Чад можеше да се види над Киев по повеќе од 10 експлозии, рекоа очевидци, делови од градот останаа без струја, а мрежата на мобилни телефони е прекината.
Ихор Терехов, градоначалникот на Харков, рече дека градот бил погоден од две ракети насочени кон „објект од клучната инфраструктура“.
Утрово ракетни напади беа пријавени и во централниот регион Виница, како и Дњепропетровск и Запорожје на југоисток и Лавов во западна Украина.
Наводно, погоден е и објект во хидроцентралата Дњепар во регионот Запорожје.
Во Киев е оштетен објект што напојува 350.000 станови, а итно биле пратени инженери да го обноват снабдувањето.
Жителите во регионите под напад беа повикани да останат во засолништа, поради стравувањата дека може да следат нови напади.
„Руските губитници продолжуваат да војуваат против цивилни објекти“, напиша Андриј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, на апликацијата за пораки Телеграм.
#Russian attacks on #Kharkiv. pic.twitter.com/BFPMmliPGM
— NEXTA (@nexta_tv) October 31, 2022
Нападите доаѓаат откако Русија ја обвини Украина за напад со беспилотни летала врз нејзината Црноморска флота во анектираниот Крим.
#Russian occupiers also launched a missile attack on the #Dnieper Hydroelectric Station in #Zaporizhzhia. pic.twitter.com/tggucAwygF
— NEXTA (@nexta_tv) October 31, 2022
Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави за украинската телевизија дека Русија ги користела своите стратегиски бомбардери за да ги изврши „масовните“ напади.
Русија досега не даде јавни коментари за пријавените најнови напади.
Во саботата, еден руски воен брод беше оштетен во пристанишниот град Севастопол во напад со дрон, соопшти руското Министерство за одбрана. Министерството ги обвини британските специјалисти дека ги обучувале украинските војници, кои потоа ги извршиле нападите на Крим - јужниот украински полуостров анектиран од Русија во 2014 година.
Москва не даде докази за да ги поткрепи своите тврдења.
Украина не го коментираше ова прашање, додека Министерството за одбрана на Обединетото Кралство рече дека Русија „дава лажни тврдења од епски размери“.