Русија и Украина во јули договорија извоз на житарки со посредништво на Турција и Обединетите нации за да се ублажи светската криза со храна. Договорот истекува на 19 ноември.
Русија во саботата го прекина своето учество соопштувајќи дека одговара на нападите со дронови на руската флота на Крим и за нападот го обвини Киев. Киевските власти негираат дека се одговорни за нападот и дека го користат безбедносниот коридор за извоз на жито во воени цели.
Кремљ соопшти дека обнова на договорот би можела да се разгледа по „детална истрага на околностите на овој инцидент, како и по добивањето реални гаранции од Киев за строго придружување до Истанбулскиот договор, особено за некористење на хуманитарниот коридор во воени цели“.
Во соопштението се наведува дека Путин го потсетил Ердоган на „неуспехот во исполнување на вториот дел од пакетот договори – да се укине блокадата на извозот на руски земјоделски производи и ѓубрива на светските пазари“.
Иако таа роба не потпаѓа под западните санкции воведени како одговор на руската инвазија на Украина, руските произведувачи го изгубија пристапот до пристаништата на Балтичкото Море кои ги користеа за извоз, како и до гасоводот за транспорт на амонијак до украинското црноморско пристаниште Јужни.
Кабинетот на турскиот претседател соопшти по телефонскиот разговор на двајцата лидери дека Ердоган му кажал на Путин дека е „сигурен дека за ова прашање ќе се воспостави соработка за наоѓање решение“.