Претставник на Белата куќа претходно соопшти дека двајцата лидери го почнале разговорот денес во 15:35 по вашингтонско време односно синоќа во 23:35 по московско време.
Белата куќа додаде дека Бајден во моментов се наоѓа во својата куќа во Вилмингтон, Делавер. Телефонскиот повик се одвивал зад затворени врати.
Претседателите на САД и Русија разговарале за зголемените тензии поради трупањето на руските трупи во близина на Украина и кризата која дополнително се вжешти во последните денови по лансирањето на руските хиперсонични ракети.
Вториот разговор на двајцата претседатели овој месец е одржан на барање на Путин, пред закажаните разговори меѓу високи американски и руски претставници закажан за 10 јануари во Женева.
Таму ќе се разговара за договорите за контрола на нуклеарното вооружување и ситуацијата на руско-украинската граница каде Западот ја обвинува Москва дека трупа војска и се спрема за можен напад.
Русија јасно даде до знаење дека сака писмена обврска дека на Украина никогаш нема да ѝ биде дозволено да влезе во НАТО и дека воена опрема на Алијансата нема да биде разместена во поранешните советски републики.
Белата куќа пред разговорот соопшти дека Бајден ќе му каже на Путин дека дипломатскиот пат останува отворен дури и во ситуација на трупање руски сили на границата со Украина, дека преговорите мора да бидат водени „во контекст на деескалација, а не ескалација“, за да „дојде до вистински напредок во разговорите“.
Путин и Бајден на 7 декември разговараа преку видео-линк а разговорот траеше два часа и пет минути.