Со тоа Италија ја доби најдесната влада од Втората светска војна.
„Се колнам дека ќе ѝ бидам верна на републиката“, кажа 45-годишната Мелони под кристалните лустери, пред да се ракува со претседателот Серџо Матарела.
Лидерката на десничарската партија Браќа на Италија, победи на изборите минатиот месец како дел од коалицијата, во која се Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, како и Лига на Матео Салвини.
Нејзината, 12-та влада во овој век, ќе ја замени администрацијата на национално единство која ја води поранешниот шеф на Европската централна банка Марио Драги. Мелони ја чекаат низа предизвици – претстојната рецесија, растечките сметки за енергија и создавање единствен став за војната во Украина.
Мелони вети поддршка на Украина, додека Берлускони повеќе пати ја отфрли. Претходно неделава тој го обвини Киев за руската инвазија и откри дека разменувал подароци и писма со рускиот претседател Владимир Путин.
По тензичните преговори зад кулисите, Мелони вчера го претстави својот тим, давајќи им по пет министерства на своите помали партнери, Лига и Форца Италија, додека девет места во кабинетот резервираше за својата партија.