„Иако сфаќаме дека самитот на Г20 не е место за решавање на безбедносните проблеми, мораме да истакнеме колкаво влијание можат да имаат на светската економија“, се наведува. Овој документ допрва треба да биде усвоен, а би можел и да се менува.
Самитите на Г20 во минатото не вродија со заеднички резолуција бидејќи дел од членките не можеа да се договорат за јазичните детали, вклучувајќи го и тоа како да ја опишат војната во Украина. Овој самит се одржува на индонезискиот остров Бали и е прв пат земјите членки на Г20 да се сретнат од 24 февруари, кога почна руската инвазија на Украина, која Русија ја нарекува специјална воена операција. На самитот главно се разговара за светската инфлација, безбедноста, снабдувањето со храна и енергенсите.
Индонезискиот претседател Џоко Видодо го отвори самитот со повик на единство и заедничко дејствување за решавање на проблемите на светската економија. „Немаме други опции, треба да соработуваме за да го спасиме светот“, кажа тој.
„Г20 мора да биде катализатор за инклузивно економско заздравување. Не треба светот да го делиме на парчиња. Не смееме да дозволиме да почне нова светска војна“, додаде.
Членките на Г20 сочинуваат над 80 отсто од светскиот бруто домашен производ, 75 отсто од меѓународната трговија и 60 отсто од населението.