Поранешниот папа го повлече своето име од книгата што го подели Ватикан

Поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти го прекина 48-часовниот метеж во Ватикан барајќи неговото име и потпис да бидат повлечени од контроверзната книга која наскоро треба да биде објавена, а која е толкувана како обид да се влијае на папата Франциско во врска со целибатот на свештениците.

„Можам да потврдам дека утрово, по упатство на пензионираниот папа, побарав од кардиналот Роберт Сара“ главниот автор на книгата „да стапи во контакт со издавачите и да ги замоли да го тргнат името на Бенедикт Шеснаесетти од книгата“, рече монсињор Георг Гејнсваин, долгогодишен личен секретар на Германецот Џозеф Рацингер.

На насловната страница на книгата насловена „Од длабочините на нашите срца“, која во среда треба да излезе во Франција, има фотографии од Бенедикт Шеснаесетти и кардиналот Сара, што сугерира дека двајцата се автори.

Во неделата, францускиот весник Ле Фигаро објави извадоци од книгата, за која рече дека е создадена од соработката на двајцата високи прелати.

Книгата некои ја протолкуваа како предизвик на конзервативното крило на Католичката црква упатено до папата Франциско во врска со прашањето за целибатот, што воедно е и социјално и религиозно.

Бенедикт Шеснаесетти наводно вели дека истапил затоа што „не можел да молчи“ („Silere non possum!“).

Во книгата се бара од целокупната Црква да не дозволи да падне „под влијание на лошо покровителство, театарски претстави, сатански лаги, пороци кои се во мода и со кои се обидува да се сопре свештенскиот целибат“.

Џозеф Рацингер не бара само да се повлече неговото име како коавтор, туку и неговиот потпис повеќе да не биде во предговорот и во поговорот на книгата, додаде монсињор Гејнсваин.

„Пензионираниот папа знаеше дека кардиналот пишува книга, па затоа му испрати свои белешки за свештенството, дозволувајќи му да ги користи по своја проценка. Но, тој не даде одобрување за никакво пишување на книга со двоен потпис, ниту пак го виде и одобри изгледот на корицата“, рече германскиот надбискуп кој долги години е со Бенедикт Шеснаесетти.

„Станува збор за недоразбирање што не ги доведува во прашање искрените намери на кардиналот Сара“, заклучи монсињор Гејнсваин.

Македонија од своето осамостојување постојано е на листата држави за чии граѓани е потребно да имаат британски визи доколку сакаат да патуваат во Обединетото кралство. 

повеќе

Една од особеностите на словенската јазична група е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено.

повеќе